петок, 19 јуни 2026

Талибанците донесоа нова наредба за забрана на паметни телефони, па почнаа да ги кршат (ВИДЕО)

Талибанците наредија опсежна забрана за користење паметни телефони за државните службеници, што според дел од аналитичарите би можело да биде вовед во многу пошироки ограничувања кои би се однесувале на целото население.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Според наредбата издадена од талибанските воени судови, во која увид имал британскиот весник Гардијан, забраната требало да стапи на сила оваа недела.

Со неа се забранува користење мобилни телефони на „високи и пониски функционери, обични муџахедини и помошен персонал“.

На снимка објавена на интернет се гледа талибански функционер како, по сè изгледа, ја чита наредбата за забраната токму од својот мобилен телефон, додека друго лице во исто време крши телефони.

Во наредбата стои: „Доколку некој користи мобилен телефон, уредот ќе му биде скршен, а против прекршителот ќе бидат применети законски и шеријатски казни.“

Се додава дека исклучоци се можни единствено со писмена дозвола од врховниот талибански лидер Хибатулах Ахунџада.

Според извештаи и извори од Авганистан, забраните се спроведуваат на различни начини. Во некои подрачја тие се однесуваат само на државни службеници, додека во одредени градови и провинции се проширени и на жени, цивили, здравствени работници, наставници и ученици.

„Многу работи се случуваат на локално ниво, во зависност од тоа што одлучил конкретен локален функционер. Но можно е да станува збор и за подготовка за целосна забрана, а засега само ги тестираат реакциите“, изјави аналитичар кој ја следи ситуацијата во Авганистан.

Забраната доаѓа по сè поинтензивните обиди на талибанците целосно да го отсечат Авганистан од глобалниот интернет. Властите во септември наредиле дводневно исклучување на интернет-мрежата, што неодредено го оправдале со загриженост поради порнографијата. Во наредбата било наведено дека целта била „спречување на неморалот“.

Според аналитичарот, тогашната одлука била донесена набрзина и без размислување за последиците. Трговијата низ целата земја била парализирана, а нарушено било функционирањето на итните служби и воздушниот сообраќај.

„Приватниот сектор беше во паника, банкарскиот сектор исто така, па дури и нивните луѓе од безбедносниот апарат и од кабинетот на врховниот лидер. Сфатија дека не ја промислиле добро одлуката, па повторно го вклучија интернетот“, рече тој.

Зад најновата забрана најверојатно стојат повеќе причини. Една од нив се протестите што избувнаа во западниот град Херат, откако талибанците уапсија жени и девојки поради, како што навеле, „неправилно носење хиџаб“. За време на протестите, талибанските сили наводно пукале врз насобраните луѓе, при што загинале најмалку две лица.

Според аналитичарот, токму овој настан можел дополнително да го поттикне воведувањето на ограничувањата. „Снимките што се појавија по протестите во Херат предизвикаа голема вознемиреност. Се обидоа да ја контролираат ситуацијата. На почетокот сè негираа и тврдеа дека ништо не се случило. Но потоа почнаа да се појавуваат снимки“, нагласи тој.

Сепак, талибанците се залагаа за забрана на паметните телефони и пред овие протести. Причините вклучуваат страв од протекување информации, како и загриженост дека користењето мобилни телефони ја намалува продуктивноста на државните службеници.

Во провинцијата Херат, на западот од Авганистан, двајца државни службеници изјавиле дека забраната за користење паметни телефони трае веќе со месеци.

„Пред околу два месеца ни рекоа да не носиме мобилни телефони на работа. Јас и неколку колеги не го сфативме тоа сериозно. Ни ги одзедоа телефоните, а откако се побунивме, ги скршија“, раскажа еден од нив.

Според аналитичарот, талибанците сметаат дека луѓето „постојано гледаат во телефоните наместо да ја извршуваат својата работа“ и дека на паметните телефони не им е местото на работното место.

Дополнителен проблем за талибанските власти претставуваат бројните протекувања на информации. Според аналитичарот, државните службеници често фотографираат документи или снимаат состаноци со своите телефони, по што тие материјали на еден или друг начин стигнуваат до јавноста пред да бидат одобрени од врховниот лидер.

Вработени кои губат време на интернет и откриваат доверливи информации не се невообичаен проблем за ниту една власт. Разликата, според аналитичарот, е во начинот на кој талибанците одговараат на тоа.

„Паметните телефони и интернетот насекаде во одредена мера влијаат врз продуктивноста. Разликата е што не сум видел ниту една друга држава која се обидела тоа да го реши со законска забрана“, заклучува тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ