Во рамките на тој значаен за двете земји проект досега беа објавени романите: „Храпешко” на Ермис Лафазановски, „Водена пирамида (Патот на јагулите)” на Луан Старова, „Дваесет и првиот” на Томислав Османли, „Азбука за непослушните” на Венко Андоновски, „Маџун” на Влада Урошевиќ, „Фантомско стапало” на Блаже Миневски и „Папокот на светлината” на Венко Андоновски.
За романот „Папокот на светлината” во 2023 година Венко Андоновски како автор и Олга Панкина како преведувач ја добија меѓународната книжевна награда „Jаснаја Полјана”. За прв пат во историјата на оваа значајна награда во номинација „странска литература” таа беше доделена на писател од една словенска земја – токму од Македонија.
Романот „Три Марии”, како и сите седум претходни книги е издаден во тврд повез, а на корицата е фрагмент од сликата „Бош” на македонскиот уметник и писател Славко Jаневски.
Краток предговор за книгата адресиран на руските читатели напиша самата авторка, истакнувајќи дека „главната идеја што ја имав во овој роман е ‘Две Марии’ на Славко Јаневски од 1956 да ги ‘разбудам’ како ‘Три Марии’ во 2025. Да не личат романите еден на друг, но сепак да се гледа (да се чита, всушност!) дека едниот се разбудил таму каде што другиот заспал. Тоа е моја раскажувачка поетика на континуитет, на надоврзување на претходниците, зашто никој никогаш не почнува одново, сите само продолжуваме оттаму до каде што втасале пред нас. Сакајќи да се надоврзам на нашиот, македонскиот класик – Славко Јаневски, не сакајќи сум се надоврзала и на Лав Толстој и тоа на негова новела ‘Отец Сергиј’ којашто не сум ја ни знаела. За вакво единство мечтаам, зашто книжевноста и само книжевноста е нашиот заеднички дом, нашата заедничка земја и планета”.






