четврток, 18 јуни 2026

Археолозите кај Стоунхенџ открија можен прототип на познатиот праисториски споменик

Археолози во јужна Англија открија структура во близина на Стоунхенџ за која веруваат дека можеби служела како прототип за неолитски споменик стар околу 5.000 години.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Тим од британската фирма „Весекс Археолоџи“ објави дека структурата се состои од два дрвени столба оддалечени 120 метри, поставени така што се насочени директно кон изгрејсонцето на летната долгодневница и зајдисонцето на зимската краткоденица. Истражувачите велат дека откритието е постаро од Стоунхенџ за речиси 500 години.

Ископувањето, предводено од археологот Фил Хардинг, познат во Велика Британија по неговата долгогодишна работа во телевизиската серија „Тајм тим“, исто така открило грнчарија, животински коски и редок нож во форма на диск, поради што истражувачите веруваат дека местото веројатно се користело за големи религиозни собири.

Хардинг, кој има 76 години, рече дека станува збор за откритие кое се случува многу ретко во професионалниот живот. Говорејќи за значењето на наодот, изјави: „Можности како оваа веројатно се појавуваат само еднаш во кариерата, еднаш во животот“. Тој додаде: „Веројатно сум на крајот од мојата кариера, но фала му на Бога, останав во археологијата доволно долго за да бидам дел од ова откритие, бидејќи тоа е секако врв на мојата кариера“.

Наодите беа објавени пред летната долгодневница, која оваа година паѓа во недела, кога илјадници луѓе традиционално се собираат во Стоунхенџ за да го одбележат најдолгиот ден во годината на северната хемисфера.

Стоунхенџ, лоциран во рамнината Салсбери, бил изграден во фази почнувајќи од пред 5.000 години, додека камениот круг бил подигнат во доцниот неолитски период околу 2.500 година п.н.е.

Новата структура е пронајдена во близина на Булфорд, на пет километри од Стоунхенџ, за време на ископувања извршени помеѓу 2015 и 2017 година. Работата беше дел од археолошката поддршка за програмата на британското Министерство за одбрана за сместување на војниците повлечени од Германија, а конечните заклучоци беа донесени по повеќегодишни анализи и тестирања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ