Според полицијата, вчера околу 20 часот во СВР Скопје било пријавено дека по автопатот се движи патничко возило мерцедес со регистарски таблички кои припаѓале на друго возило.
Откако не застанал на даден знак за запирање, возачот продолжил да бега, а кај клучката Миладиновци го променил правецот на движење и се упатил по земјен пат кон селото Блаце во општина Петровец.
Во текот на бегството возилото удрило во дрво, по што возачот избегал.
Полициските службеници извршиле пребарување на теренот и го пронашле возилото, во кое биле затекнати 12 мигранти. Од нив, петмина биле државјани на Египет, а останатите на Турција.
Мигрантите биле пренесени и сместени во Транзитниот центар Табановце, додека полицијата презема мерки за пронаоѓање на возачот и целосно расчистување на случајот.
Според МВР, истрагата е во тек и се работи на утврдување на сите околности поврзани со организирањето и транспортот на мигрантите.






