ОЈО открива дека Илчо Ѓорѓиоски не е единствениот поранешен претседател на ФФМ кој се сомничи за сторено кривично дело „Проневера во службата“. Од соопштението на ОЈО може да се заклучи дека вториот осомничен за ова дело е поранешниот претседател е Муамед Сејдини кој веќе приведен за друго кривично дело. Вкупно се гонат 18 лица и осум правни субјекти. Во продолжение ви го пренесуваме соопштението во целост:
„По спроведена предистражна постапка спроведена од истражителите на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција реализираа координирана акција во која се опфатени повеќе физички и правни лица.Во акцијата се приведени 12 лица, додека 5 лица се недостапни на органите на прогонот.
Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 18 физички и 8 правни лица.
Со наредбата се опфатени двајца поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Проневера во службата“, раководителката на Одделението за финансии и сметководство при ФФМ, 14 управители, сопственици и овластени лица во правни лица, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ на кои покрај кривичното дело „Проневера во службата“, им се става на товар и кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Исто така, истражната постапка опфаќа и осум правни лица за кои постои основано сомневање дека ги сториле кривичните дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според доказите обезбедени во предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари.
Второосомничениот, исто така во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со истата осомничена, во периодот од 25 јули 2018 година до 10 октомври 2019 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, присвоил парични средства доверени во службата во износ од 53.351.209 денари.
Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер. Со ваквите постапки предизвикала сметководствената евиденција на ФФМ да содржи нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци.
Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите.
Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180.802.365 денари.
Осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.
На овој начин на ФФМ ѝ била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист. Потоа, средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло.
За 10 лица јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе предложи определување на мерка притвор, додека за седуммина ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката, второосомничениот е веќе во притвор определен во друга постапка“, стои во соопштението на ОЈО.






