Како што соопштуваат од „Или-или“, книгата ќе биде претставена низ разговор со авторката, кој ќе го води Сашо Огненовски.
„Од своето објавување во март годинава, ‘Ништо нормално’ предизвикува силен интерес кај читателската публика, благодарение на својот специфичен стил, провокативниот пристап и обработката на современи теми, со фокус на обичниот човек и неговите секојдневни предизвици“, стои во соопштението од „Или-или“.
Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, на отсек маркетинг. Нејзиниот книжевен опус започнува во 2015 година со збирката „Ги најдов во длабокото“.
Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, додека во 2022 година е добитничка на првата награда за расказот „Кажи му на кучето“.
Нејзиниот роман „Денот на црвот“ ја добива наградата „Роман на годината“ од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на неколку јужнословенски јазици.
Авторка е и на книги за деца и повеќе прозни дела, меѓу кои „Градот Вабу и потрагата на Нави“ и романот „Леска Брезоска“.






