среда, 17 јуни 2026

Нова книга од проф. д-р Светомир Шкариќ „Поглед однатре: Правен факултет Јустинијан Први (1960-2006)“

Од печат излезе книгата „Поглед однатре: Правен факултет Јустинијан Први, 1960-2006“ од проф. д-р Светомир Шкариќ, еден од најистакнатите македонски правници, универзитетски професори и автори во областа на уставното право.

Објавено на

часот

Сподели

Книгата претставува уникатно сведоштво за развојот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, виден низ личното искуство на авторот како студент, асистент, професор и активен учесник во академскиот живот во периодот од 1960 до 2006 година.

Составена од 28 хронолошки подредени есеи, напишани јасно и непосредно, книгата го отвора погледот кон една страна од факултетот која останала недоволно позната за пошироката јавност. Авторот пишува за своите професори и нивниот придонес во развојот на правната наука, за академската атмосфера во амфитеатрите и предавалните, за научниот развој на факултетот, како и за процесите што го обликувале високото образование во Македонија.

Посебно место во книгата имаат прашањата поврзани со академскиот интегритет, критиката на непотизмот, нерегуларностите во испитните постапки и незаконитото унапредување во повисоки научни звања. Преку лични сведоштва, архивски податоци и непосредни искуства, авторот го анализира периодот на транзицијата од социјализам кон капитализам и нејзиното влијание врз угледот и вредносниот систем на Правниот факултет.

Како што истакнува проф. Шкариќ во воведот, книгата претставува „сеќавање како одбрана од заборавот“. Таа е истовремено лична мемоарска хроника, академско сведоштво и повик за зачувување на вредностите врз кои се темели универзитетската заедница.

„Судбината сакала студентскиот живот и целиот работен век да ги поминам на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’. Тоа ми овозможи факултетот да го видам одвнатре, од страната која не е позната на пошироката јавност“, пишува авторот.

Книгата е во издание на Или-Или од Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ