Новата легислатива доаѓа пред парламентарните избори во септември, на кои централно-десничарската влада, која моментално зависи од поддршката на крајно десничарските Шведски демократи, ќе се соочи со крајната десница која отворено се залага за создавање на една од најнепријателските средини за неевропејци во Европа.
Доцна во понеделникот пратениците гласаа за таканаречениот закон за „добро однесување“, кој ќе се однесува на идните и постоечките носители на дозволи за престој, а во многу случаи ќе се применува и ретроактивно.
„Секој што не вложува напор да постапува исправно, не треба да смета дека ќе може да остане“, кажа шведскиот министер за миграција Јохан Форсел во март кога го претстави законот.
Иако законот не прецизира кои однесувања ќе се сметаат за неприфатливи, владата претходно ги наведе неплатените долгови, избегнувањето плаќање данок, криминалните активности и врските со екстремистичките организации како примери.
Проценката на дозволите за престој ќе ја врши Шведската агенција за миграции, а на нејзините одлуки ќе биде можно да се поднесат жалби.
Законот предизвика остри реакции од опозициските политичари и организациите за човекови права, кои ги сметаат критериумите за произволни.
„Ова создава ризик дозволите за престој да бидат одбиени или одземени за однесување кое не е ниту нелегално ниту казниво за шведските граѓани“, предупреди неодамна Амнести интернешнал.
Организацијата Сивил рајт дифендерс со седиште во Стокхолм оцени дека законот „го поткопува владеењето на правото“.
„Законот за добро владеење ги остава луѓето во неизвесност за тоа какви дејства или изразувања можат да бидат искористени против нив“, соопшти организацијата.
Парламентот исто така со тесно мнозинство го усвои контроверзниот таканаречен „закон за доушници“, со кој многу вработени во јавниот сектор се обврзуваат да пријават лица за кои веруваат дека престојуваат во земјата без потребната документација.
Законот беше усвоен со 174 гласа „за“ и 172 „против“.
Критичарите долго време предупредуваа дека новата мерка негативно ќе влијае на физичкото и менталното здравје на мигрантите, како и ќе го зголеми ризикот од расно профилирање.
„Ова е сурова и неефикасна политика што ја отвора Пандорината кутија на пријавување – белег на авторитарните држави“, смета Јакоб Линд, истражувач за меѓународна миграција на Универзитетот Малме.
„Денешното гласање ќе има катастрофални последици за недокументираните мигранти, кои ќе бидат дополнително турнати на маргините на општеството бидејќи нивниот пристап до правата ќе биде ограничен“.
По широките критики, наставниците, лекарите и социјалните работници се изземени од обврската за пријавување. Сепак, вработените во даночната администрација, службите за вработување и социјално осигурување ќе мора да ја известат полицијата доколку се сомневаат дека биле во контакт со лица без регулиран престој.
Луиз Боно од Платформата за меѓународна соработка за мигранти без документи оцени дека тоа е „сериозен удар на човековите права“ во Шведска.
„Ваквите исклучоци за здравството, училиштата и социјалните услуги не обезбедуваат доволна заштита. Во пракса, информациите ќе циркулираат меѓу давателите на услуги, владините агенции и имиграциските власти“, кажа таа, предупредувајќи дека многумина може да избегнат контакт со здравствените установи.
Нејзиниот став го поддржуваат и шведските истражувачи, кои, по разговорите со вработените во јавниот сектор, предупредија дека законот ефикасно ќе ги претвори државните службеници во гранична полиција.
Како пример, тие наведуваат мајка која се породува со помош на бабица. Иако бабицата не е должна да го пријави семејството, детето мора да биде регистрирано кај даночните власти, кои потоа можат да ја известат полицијата.
Шведската влада долго време ги бранеше овие мерки, тврдејќи дека се неопходни за луѓето кои немаат законско право да останат во земјата да можат да бидат вратени во нивните матични земји.
Слични обврски за пријавување се ретки во Европа. Финска размислува за нивно проширување, додека во Германија социјалните служби се соочуваат со слични барања веќе две децении.
Во 2012 година тогашната британска премиерка Тереза Меј ја воведе политиката на „непријателска средина“, која го ограничи пристапот до работни места, социјални бенефиции, банкарски сметки, возачки дозволи и други основни услуги на луѓе без доказ за легален престој.
Подоцна се покажа дека многумина кои легално живеат во Британија не биле во можност да го докажат својот статус, додека Министерството за внатрешни работи честопати погрешно ги класифицирало легалните жители како прекршители на имиграциските прописи. Националната канцеларија за ревизија заклучи во 2018 година дека оваа политика не е добра вредност за парите на даночните обврзници.
Европската федерација на синдикати на јавните служби во понеделникот ја отфрли идејата работниците да се претворат во кодоши.
„Сега не е време за нов лов на вештерки“, кажа Јан Вилем Гудријан од синдикатот.
Тој ги повика владите да имаат предвид дека „јавните служби во Шведска и многу земји од ЕУ не би можеле да функционираат без работниците мигранти“.
Новото законодавство, додаде тој, ќе поттикне атмосфера на „сомневање, страв и расизам“, а во исто време ќе го загрози основното право на азил.
„Тоа само ѝ дава легитимитет на крајната десница, која е среќна што ги гледа своите најрадикални соништа за масовен надзор, притвор и депортација како се остваруваат, на сметка на етиката на јавните служби“.






