вторник, 16 јуни 2026

Ѓорѓиевски: Адвокатурата е коректив кога системот ќе потфрли

Адвокатската комора денеска свечено го одбележа 16 Јуни – Денот на македонската адвокатура, датум што го симболизира институционалното основање на организираната адвокатура во Македонија и нејзината повеќедецениска улога во заштитата на правата и слободите на граѓаните и јакнењето на владеењето на правото, информираа од Комората.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот го отвори извршната директорка на Адвокатската комора, Билјана Тошева, која им посака добредојде на присутните и го покани претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, адвокат Лазо Ѓорѓиевски, да им се обрати на присутните.

Во своето обраќање, претседателот Ѓорѓиевски потсети дека токму на 16 јуни 1945 година, по предлог на тогашниот министер за правда д-р Павел Шатев, бил поставен институционалниот темел на македонската адвокатура.

„Денешното одбележување не е само свеченост. Ова е ден на почит кон една професија која веќе 81 година стои исправено во одбрана на правото, слободата и достоинството на човекот“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека адвокатурата отсекогаш била многу повеќе од професија.

„Адвокатурата е глас на граѓанинот пред институциите. Гарант на правото на одбрана. Коректив кога системот ќе потфрли. И еден од најважните столбови на владеењето на правото. Адвокатот не е само застапник пред суд. Тој е чувар на правната сигурност и еден од последните бедеми меѓу моќта и граѓанинот“, порача претседателот на Комората.

Осврнувајќи се на современите предизвици со кои се соочува правниот систем, претседателот Ѓорѓиевски истакна дека иднината бара модерна, силна и обединета адвокатура, способна да одговори на новите општествени и технолошки промени.

„Силата на една држава не се мери само преку институциите што ги има, туку и преку тоа колку е независна, достоинствена и силна нејзината адвокатура“, нагласи тој.

Во своето обраќање тој ја претстави и визијата на новото раководство на Комората, истакнувајќи дека целта е изградба на адвокатура која ќе биде независна во своите ставови, достоинствена во постапувањето, современа во функционирањето и блиска до граѓаните.

„Нашата цел е адвокатура која ќе ги штити интересите на адвокатите, но истовремено ќе биде активен партнер во градењето на правна држава заснована на владеење на правото, а не на привилегии“, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека присуството на претставниците на највисоките државни институции, судската и обвинителската власт, академската заедница, дипломатскиот кор и меѓународните организации претставува силна потврда за значењето што адвокатурата го има во демократското општество и во функционирањето на правната држава.

Со одбележувањето на Денот на македонската адвокатура, Адвокатската комора уште еднаш ја потврди својата определба за зачувување на независноста на адвокатурата, унапредување на професионалните стандарди и градење современа, силна и независна адвокатура како еден од темелите на демократското општество и владеењето на правото.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ