вторник, 16 јуни 2026

Сиљановска-Давкова: Концептот „победник со победник“ води кон долгорочна доминација на исти партии

Мораме да научиме дека без оглед дали се работи за мултикултурно општество, кога има избори победникот е еден, но со оглед на нашата политичка и партиска структура, победникот дури и кога имал двотретинско мнозинство посегнувал по коалицирање, што е многу одговорен чин, оцени денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Претседателката оцени дека иницијативите за ограничување на можноста за користење вето во процесот на проширување на Европската Унија претставуваат позитивен исчекор, но нагласи дека е прерано за конечни оценки додека не бидат објавени официјалните документи. Во однос на напредокот на земјите кандидати, пак, претседателката посочи дека Западен Балкан е значително понапред во процесот од некои други кандидати. Говорејќи за македонско-бугарските односи и изјавите на поранешниот член на заедничката историска комисија Огнен Вангелов, таа рече дека неговите оценки за улогата на протоколите во процесот се основани и произлегуваат од непосредното искуство во работата на комисијата.

Објавено на

часот

Сподели

Во одговор на новинарско прашање во врска со изјавата на лидерот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, дека на изборите треба да коалицираат „победник со победник“, Сиљановска-Давкова рече дека таквиот пристап не е во согласност со основните принципи на изборниот процес.

Таа посочи дека во македонската политичка практика и партии со убедливо парламентарно мнозинство често се определувале за коалициско владеење, што, според неа, претставува одговорен политички пристап и овозможува пошироко учество во носењето одлуки.

„Еднаш мораме да научиме ние дека без оглед дали се работи за мултикултурно општество, кога има избори, победникот е еден. Зошто инаку би одел некој на избори, ако добиените гласови не се услов да биде прогласен за победник? Но, со оглед на нашата политичка и партиска структура, победникот дури и кога имал двотретинско мнозинство, посегнувал по коалицирање, што е многу одговорен чин. Зошто? И заради заедничката одговорност, мислам особено на албанските партии, заедничката одговорност и за решавање на проблемите внатре во институциите“, рече Сиљановска-Давкова.

Во изборниот процес, додаде, може да биде победник само еден, нагласувајќи дека тезата за коалицирање по принципот „победник со победник“ може да доведе до долгорочна доминација на исти политички субјекти и ограничување на можноста за учество на други партии во власта.

„Резултатот не може да биде посакуваниот ако вие немате право да одберете во коалицијата некои со чија програма, па и идеологија, вашата е компатибилна. Друго би било ако влезете во предизборна коалиција, оти тоа, вака викаме ние во изборното право – може да сте мала партија, но со голем изборен капацитет, кога ве посакуваат за коалициски партнер другите партии, односно победничката. Ама оваа теза, дека има двајца победници и дека секогаш треба да влезат, доведува до 20 години власт само на едни и на други, на неможност другите да влезат во коалицијата и, се разбира, да бидат почитувани“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Претседателката оцени дека иницијативите за ограничување на можноста за користење вето во процесот на проширување на Европската Унија претставуваат позитивен исчекор, но нагласи дека е прерано за конечни оценки додека не бидат објавени официјалните документи. Таа смета дека пречките со кои се соочува Македонија на евроинтегративниот пат се „ирационални“ и повика фокусот да биде ставен на исполнување на копенхашките критериуми.

Одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на адвокатурата во Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова рече дека како позитивен го гледа обидот за релативизирање на правото на вето во процесот на проширување.

„За мене што е добро, што за првпат се релативизира или има обид за релативизација на ветото. Многу пати сум рекла дека мене не ми е сосема јасно дека ветото е право на сите членки на Европската Унија, меѓутоа и чекорот од состојбата во којашто сме – кога 26 држави можат да речат дека е акцискиот план сосема во ред, дека има високи стандарди, има заштита на слободи и права, вклучувајќи ги и малцинските, и тоа го потврдуваат државите – и сега една вели не“, рече Сиљановска-Давкова.

Европската Унија, вели, треба да најде механизми што ќе спречат блокирање на проширувањето поради, како што рече, идентитетски и историски причини, наместо поради исполнување или неисполнување на европските критериуми.

Во однос на напредокот на земјите кандидати, пак, претседателката посочи дека Западен Балкан е значително понапред во процесот од некои други кандидати.

„Имам длабоки чувства и разбирање за Украина, исто така и за Молдавија, меѓутоа не можам, а да не кажам дека Западен Балкан е многу понапред од нив. Скринингот тоа го покажува… Пречката кон нас е ирационална според мене“, рече Сиљановска-Давкова.

Говорејќи за македонско-бугарските односи и изјавите на поранешниот член на заедничката историска комисија Огнен Вангелов, таа рече дека неговите оценки за улогата на протоколите во процесот се основани и произлегуваат од непосредното искуство во работата на комисијата.

„Мислам дека она што го кажа професорот Вангелов е точно. Не само низ призма на правна анализа на Договорот, туку и низ призма на неговото конкретно искуство во работата на комисијата“, вели Сиљановска-Давкова.

Според неа, потребни се дополнителни гаранции во процесот, имајќи предвид дека прашањата поврзани со протоколите редовно се отвораат во билатералните разговори.

Во врска со експлозијата на возило на бугарската амбасада, претседателката ја осуди постапката, но повика да не се носат предвремени заклучоци пред завршување на постапката.

„За мене напад на возило е вандалски чин, но велам дека не можам однапред да пресудам. Судот ќе каже што се случило. Не би требало да ги наруши односите, а зошто? Бидејќи ми се чини дека побрза акција и реакција немало. Да почекаме што ќе каже судот“, посочи Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на критиките од опозициската СДСМ во врска со нејзините ставови за уставните измени, претседателката рече дека не поддржува ничии барања, туку ги застапува сопствените ставови и смета дека земјата не треба да губи време на идентитетски прашања.

„Не треба да губиме време, не треба да ни го земаат времето на идентитетски проблеми, туку треба да нè остават да се фокусираме на копенхашките критериуми“, подвлече Сиљановска-Давкова. 

МИА

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ