Како што истакна Димовски, одговорајќи на новинарски прашања, во струшката технолошко-развојна зона моментно се оперативни две компании кои рабнотат активно и вработуваат сериозен број лица, но интенцијата на Владата е да се донесе уште некој инвеститор кој би отворил бизниси во тој регион.
Директорот информира и дека од 2025 година се работи на нова стратегија за привлекување странски инвестиции со важност 2027 – 2037 година – документ во кој ќе бидат опфатени сите аспекти и цели на државата во однос на ова прашање, вклучувајќи ја и диверзификацијата на инвестициите.
„Согласно законот, се знае кои дејности може да бидат активни во зоните. Неоперативните зони, како Делчево, Берово, Виница и уште неколку, ќе се трансформираат во индустриски кои би ги ставиле во функција, зашто ТИРЗ-овите имаат одредена рамка на дејност и бизниси, а индустриските можат да имаат секаков вид дејности – и услуги и секаков вид производство. Ќе ги понудиме и на домашните компании за да го прошират своето производство. Овие зони се изградени одамна, пред 10 – 15 години и таа демографија од тогаш веќе не постои. Целта е како да ги ставиме во функција и да му помогнеме на домашниот бизнис да добие урбанизирано земјиште, со соодветна инфрастурктура, а со тоа да го зголеми локалниот економски развој и целиот развој во државата“, напомена Димовски.
Во однос на стратегијата, потенцира дека постојната била заклучно со 2017 година и од тогаш до 2024-та нема никаков документ.






