вторник, 16 јуни 2026

Институциите со заедничка декларација: Засилен одговор против насилството кај младите

Превенцијата на насилството кај младите бара координиран, системски и заеднички одговор од сите институции и општествени чинители, порача денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на потпишувањето на декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите во рамките на националната работна група.

Објавено на

часот

Сподели

„Насилството кај младите не е проблем на една институција, туку предизвик за целото општество и затоа нашиот одговор мора да биде заеднички, координиран и одлучен“, истакна Лимани нагласувајќи дека потпишувањето на декларацијата претставува обврска за создавање безбедна средина за младите.

Тој потенцира дека младите треба да имаат активна улога во креирањето на политиките, а институциите да обезбедат системска поддршка, вклучително и во образованието, менталното здравје и дигиталната безбедност.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека клучниот фокус на институциите мора да биде ставен на превентивните мерки и унапредување на училишните механизми за справување со врсничкото насилство.

„Нашата задача е насилството да го сведеме на најниско можно ниво преку јакнење на превенцијата и создавање безбедна училишна средина“, истакна Јаневска и информира дека се воведени законски обврски за училиштата да планираат активности за заштита на учениците, зајакнати се стручните служби и дека повторно се воведени дежурства на наставниците како дел од мерките за подобрен надзор и навремено реагирање.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, врсничкото насилство бара сериозен институционален одговор и нагласи дека полицијата веќе е поинтензивно присутна на терен.

„Врсничкото насилство бара сериозен одговор од повеќе институции. Станува збор за појава што зема замав и мораме да одговориме со заеднички сили“, потенцира Тошковски додавајќи дека полицијата е во постојана комуникација со училиштата и има засилено присуство меѓу учениците.

Тој посочи дека институциите мора да дадат заеднички одговор за да се постигнат подобри резултати во иднина.

Како претставници од Министерството за спорт на потпишувањето на Декларацијата присуствуваа државниот секретар, Сашо Огњеновски и Гордана Цекова, помошник раководител на сектор, одговорна за спроведување младински политики во Министерството за спорт.

Во своето обраќање, Огњеновски ја истакна важната улога на спортот во воспитувањето на младите и во градењето на вредности што претставуваат најсилна превенција против насилството.

„Спортот е една од најсилните алатки за градење на здрави вредности кај младите. На спортските терени младите учат дека успехот се постигнува со труд, дисциплина и почит кон другите, а не со агресија и насилство. Кога зборуваме за спречување на насилството кај младите, не зборуваме само за санкции и реакции, туку пред сè за воспитување и за градење на вредности и позитивни примери. Токму затоа спортот има незаменлива улога. Тој ги учи младите да ги почитуваат правилата, да го почитуваат противникот, тимот и различностите. Фер-плејот не треба да остане само спортски принцип, туку треба да биде животен принцип. Нашата цел е спортските терени да бидат места каде што младите ќе учат како да победуваат достоинствено, но и како да прифаќаат пораз без омраза и агресија“, посочи Огњеновски.

Тој нагласи дека со потпишувањето на Декларацијата, институциите преземаат заедничка одговорност за создавање безбедна и поттикнувачка средина за младите.

„Со потпишувањето на оваа Декларација ја потврдуваме нашата заедничка определба да создадеме безбедна и поттикнувачка средина за младите, во која спортот ќе биде простор за личен развој, градење карактер и позитивни животни навики. Министерството за спорт останува посветено на промоцијата на спортските вредности како важен дел од пошироките општествени напори за спречување на насилството кај младите и за изградба на општество засновано на почит, одговорност и солидарност“ – порача Огњеновски.

Декларацијата утврдува заеднички активности кои опфаќаат безбедни простори и услуги за поддршка, едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност, ментално здравје и психосоцијална поддршка, значајно учество на младите, како и посилна координација и отчетност меѓу институциите.

Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, ја истакна важноста од партнерството меѓу институциите и меѓународната заедница во насока на превенција на насилството и создавање побезбедна средина за младите.

Тој го поздрави силниот ангажман на надлежните министри и го оцени денешното потпишување на декларацијата како прв чекор, кој мора да биде проследен со решителна акција.

„Најважно е младите да бидат слушнати, да имаат глас и да живеат во средина без страв и насилство“, нагласи Вал додавајќи дека Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот.

Настанот се одржа во рамките на националната работна група за превенција на насилство кај младите, која претставува прв национален механизам посветен исклучиво на ова прашање. Работната група е воспоставена од Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со вклученост на институциите, органите за спроведување на законот, како и граѓанскиот и младинскиот сектор.

Со нејзиното формирање се овозможува платформа за координација и дијалог, со цел системско справување со насилството кај младите преку мапирање ризици, идентификација на приоритети и следење на спроведувањето на мерките.

Работната група има цел да ги зајакне институционалните капацитети и да обезбеди сеопфатен пристап во превенцијата, со активно учество на младите во процесите на одлучување и креирање политики поврзани со нивната безбедност.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ