Од болницата информираат дека децата, петнаесетгодишно девојче и нејзините двајца браќа на возраст од дванаесет и девет години, биле донесени со екипа на Итната медицинска помош, во придружба на полициски службеник. Тие биле прегледани од педијатар и интернист, а бил повикан и социјален работник.
И покрај препораките на лекарите за дополнителни лабораториски испитувања и опсервација, родителите во присуство на социјален работник и инспектори од МВР изрично одбиле децата да останат на понатамошни испитувања.
Од здравствената установа посочуваат дека родителите ги презеле децата, иако биле упатени на дополнителни прегледи на Клиниката за детски болести, Токсикологија и детска психијатрија.
Од Центарот за социјални работи Куманово информираат дека веднаш по известувањето од болницата воспоставиле контакт со СВР Куманово. Според нив, децата биле свесни и изјавиле дека спиеле кога биле затекнати од непознато лице.
Оттаму додаваат дека семејството и претходно било евидентирано во Центарот поради случаи поврзани со деца на улица, а мајката и децата биле регистрирани и при питачење низ кумановските улици. За конкретниот случај, родителите и децата се повикани во Центарот и ќе се постапува согласно законските надлежности.
Претходно, од СВР Куманово соопштија дека децата биле пронајдени без реакција на допир, а според првичните информации, најверојатно станува збор за труење поради вдишување лепило.






