вторник, 16 јуни 2026

Европскиот парламент го потврди трговскиот договор меѓу ЕУ и САД

Европскиот парламент ги одобри двата законски предлози со кои се потврдува трговскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, откако беа додадени безбедносни клаузули.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, во екот на трговската офанзива на републиканскиот претседател кон целиот свет, се согласија за царински договор за ублажување на трговските тензии во август 2025 година на голф теренот Танбери.

Потоа, двете страни се согласија да ги ограничат царините на 15 проценти за поголемиот дел од увозот на ЕУ, вклучувајќи автомобили и автоделови, а ЕУ за возврат вети дека ќе ги елиминира царините за американските производи и ќе го олесни пристапот до пазарот за американските земјоделски производи, како што се свинското месо и млечните производи.

Во меѓувреме, Европскиот парламент побара во конечниот договор да се воведат механизми кои ќе ја заштитат Унијата во случај на понатамошни закани или ескалации од другата страна на Атлантикот, како оној што ѝ дозволува да ги откаже своите обврски ако Трамп се закани со нови царини.

Предлогот за главната регулатива, усвоен со 440 гласови „за“, 151 „против“ и 50 „воздржани“, ги укинува царините за сите индустриски производи на САД и обезбедува преференцијален пристап до пазарот за широк спектар на прехранбени и земјоделски производи на САД, објави Европскиот парламент.

Договорот вклучува клаузула што ѝ овозможува на ЕУ да ги суспендира бенефициите ако САД продолжат да применуваат царинска стапка поголема од 15 проценти за производите од челик и алуминиум до 31 декември 2026 година. Во август минатата година Вашингтон додаде 407 категории на листата на производи од челик и алуминиум, кои подлежат на повисоки царини.

Парламентот и Советот, исто така, постигнаа договор за заштитен механизам ако новите американски царински привилегии доведат до зголемување на увозот до ниво што сериозно ја оштетува економијата на ЕУ. Врз основа на таа одлука, Комисијата ќе може да отвори истрага, а на секои три месеци ќе мора да го информира Парламентот и Советот на Европската Унија за трендовите на пазарот.

Бернд Ланге, германски социјалист, претседател на трговскиот комитет на ЕП и преговарач на договорот, кажа дека е постигнато „значително посилно обезбедување од првично предвиденото“.

„Со претворање на обврските на ЕУ од заедничка изјава во законска рамка, оваа регулатива станува дел од одбранбената алатка на ЕУ: таа не само што ги зајакнува и стабилизира трговските односи меѓу ЕУ и САД, туку и ѝ дава можност на ЕУ да одговори ако САД не го исполнат својот дел од договорот“, нагласи тој.

Претходно во мај Трамп постави рок до 4 јули за спроведување на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, предупредувајќи дека тарифите ќе се зголемат на „значително повисоки нивоа“ ако рокот не се исполни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ