вторник, 16 јуни 2026

Австралиски метеоролози: Можеби нè очекува најсилниот Ел Нињо од 1950 година

Австралискиот метеоролошки завод денес соопшти дека во Тихиот Океан се формирал временски феномен Ел Нињо и дека би можел да се зајакне во втората половина на 2026 година, станувајќи најсилен во последните седум децении.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Метеоролозите очекуваат феноменот да донесе обилни дождови во Америка и топли, суви услови во Азија, каде што садењето веќе е нарушено, што предизвикува загриженост за снабдувањето со храна во најнаселениот регион во светот.

Температурите на површината на морето во регионот ги надминаа границите на Ел Нињо, а сите атмосферски индикатори укажуваат на феноменот, соопшти австралискиот метеоролошки завод.

„Прогнозата упатува на силен или многу силен Ел Нињо врз основа на степенот на затоплување во централниот тропски дел на Тихи Океан. Околу половина од моделите сугерираат дека овој настан би можел да биде на некои од највисоките нивоа од 1950 година“, соопшти метеоролошкиот завод.

Научниците тврдат дека климатските промени дополнително ќе ги влошат ефектите од овогодинешниот феномен Ел Нињо. Ел Нињо, периодичното затоплување на морската површина во централниот и источниот дел на Пацификот, е поврзано со помали количини на врнежи во зима и есен, особено на источниот брег на Австралија, и повисоки дневни температури, објасни институтот.

Временскиот феномен е особено штетен за Австралија бидејќи влијае на земјоделското производство во земјата, која е еден од најголемите извозници на пченица, шеќер и говедско месо.

Последниот Ел Нињо, кој ја погоди Австралија од 2023 до 2024 година, предизвика најсув тримесечен период досега. Еден од најсилните вакви настани, оној од 2015 и 2016 година, доведе до суша и намалено производство на жито и репка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ