Наодите, објавени во списанието „Нејчр Комјуникејшнс“, покажуваат дека Земјината кора помеѓу Турканскиот расед, дел долг 500 километри од огромниот Источноафрикански раседен систем што се протега од Етиопија до Мозамбик, драматично се стеснува и тоа многу побрзо отколку што очекуваа експертите.
Оваа тектонска граница го означува бавното одвојување на африканската и сомалиската плоча, процес што трае десетици милиони години. На крајот би можел да доведе до формирање на нов континент и нов океан.
Плочите се оддалечуваат речиси пет милиметри годишно
Истражувачите утврдиле дека плочите се оддалечуваат со брзина од 4,7 милиметри годишно. Како што кората се растегнува, таа пука и тоне, создавајќи патишта по кои магмата се издига од длабочините на Земјата и ја поттикнува вулканската активност низ регионот, пренесува Дискавери.
Со анализа на редок сет на сеизмички податоци со висока резолуција, научниците успеаја да создадат една од најдеталните слики од Земјината кора под расцепот досега. Нивните резултати покажаа дека кората во централниот дел од расцепот на некои места се истенчила на само 13 километри, додека надвор од зоната на расцеп таа надминува 35 километри.
„Откривме дека процесот на расцепување во оваа зона е многу понапреден, а кората е потенка, отколку што некгаш било претпоставувано“, рече водечкиот автор Кристијан Роуан, докторанд на Земјината опсерваторија Ламонт-Доерти на Универзитетот Колумбија.
„Источна Африка е понапред во процесот на расцепување отколку што се сметаше претходно“, додаде тој.
Научниците веруваат дека ова изразено истенчување е резултат на процес познат како „стеснување“, во кој кората се растегнува и стеснува, слично на парче растегнат карамел, според Сајанс алерт.
Како што станува потенка, кората ослабува, што го олеснува нејзиното понатамошно растегнување и ја зголемува веројатноста дека Африка еден ден ќе се подели на два континента.
„Достигнавме критичен праг за распаѓање на кората“, вели коавторката на студијата, Ан Бесел, геофизичарка во Институтот Ламонт-Доерти.
„Веруваме дека токму ова е причината зошто областа сега е поподложна кон отцепување.“






