вторник, 16 јуни 2026
Најмасовната еколошка иницијатива во земјава и на Балканот

„Генералка викенд“ собра речиси 685 илјади килограми отпад и мобилизираше над 70 илјади граѓани

Со собрани вкупно 684.777 килограми отпад и учество на 70.688 граѓани, повеќе од 600 организации, над 250 државни институции, училишта од целата земја и бројни компании, заврши шестото издание на „Генералка викенд“ – најмасовната еколошка иницијатива во земјава и на Балканот.

Објавено на

часот

Сподели

Во изминатите шест години, акцијата мобилизираше повеќе од 170.000 граѓани, а беа собрани вкупно 2,2 милиони килограми отпад, прераснувајќи од локална иницијатива во национално движење за заштита на животната средина.

Само годинава, од 8 до 10 мај, во рамките на шестото издание на „Генералка викенд“ беа реализирани повеќе од 600 акции за чистење и 1.900 едукативни активности „Еко час“ во 81 општина низ државата.

„Генералка викенд“ е организирана од Мен енд Маунтен, заедно со официјалните партнери Пакомак, Нула отпад, Саубермахер, Пивара Скопје, ЕВН, Шпаркасе банка, ИУТЕ, Макстил, КАЗ Груп, Црвениот крст, ЗЕЛС, Министерството за образование и наука, општините, невладиниот сектор и државните институции.

По завршувањето на акцијата, отпадот беше собран и подигнат од локалните комунални претпријатија и соодветно депониран. Селектираниот отпад, како пластика, лименки и хартија, го презеде Пакомак, додека електронскиот отпад го подигна Нула отпад.

Една од најважните придобивки на иницијативата е што ја надмина поделбата на „надлежни“ и „граѓани“. Заедничкото делување на граѓанската посветеност и институционалната поддршка овозможи значителни позитивни промени во општеството. „Генералка викенд“ денес потсетува дека чистата животна средина е заедничка одговорност – институциите имаат обврска да управуваат со отпадот, но и секој поединец треба правилно да го депонира и да ги почитува јавните простори што им припаѓаат на сите граѓани.

Идејните творци на „Генералка викенд“, Гордана Софија и Ханес Јекл, велат дека најголемата вредност на иницијативата не се само бројките, туку и подигнатата свест кај граѓаните.

„Од самиот почеток, „Генералка викенд“ е иницијатива за создавање долгорочни промени во односот кон животната средина. Успеавме да ја претвориме загриженоста за загадувањето во конкретна акција и покажавме дека граѓаните можат да бидат двигатели на позитивни промени, а не само неми набљудувачи и критичари. Горди сме што оваа идеја прерасна во национално движење кое обединува десетици илјади луѓе низ целата држава“, велат Софија и Јекл.

Во соработка со „Генералка викенд“, Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ ја имплементираа образовната програма „Еко час“, преку која десетици илјади ученици низ земјата учат за екологијата и циркуларната економија и се вклучуваат во практични активности.

Во време кога јавноста често е обесхрабрена и верува дека промените се невозможни, „Генералка викенд“ испраќа поинаква порака – дека заедничкото делување има смисла и дека секој може да биде дел од решението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ