„Гласините дека САД му плаќаат 300 милиони долари на Иран е лажна вест“, порача Трамп на својот профил на социјалната мрежа Трут соушл. Иако ја спомена бројката од 300 милиони долари, не беше јасно дали тоа е во спротивност со многу повисокиот износ од 300 милијарди долари што ја наведуваат други претставници на администрацијата и меѓународните медиуми.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс појасни дека секој предложен фонд од 300 милијарди долари ќе биде финансиран од регионалните сојузници, а не од американските даночни обврзници.
„Ниту еден цент од тие пари не доаѓа од Соединетите Американски Држави“, изјави Венс за Ен-би-си њуз. Тој додаде дека заливските арапски земји можат да одлучат да инвестираат само ако Техеран ја направи својата економија „погодна за инвестиции“ и почне да се однесува како „нормална земја“.
Висок американски функционер претходно потврди дека иако фондот од повеќе милијарди долари е дел од дипломатските разговори, секој финансиски напредок е строго „условен од достигнувањата“.
Фајненшл тајмс исто така наведува дека формирањето на фондот е условено од конечен договор, кој би вклучувал 60-дневно продолжување на прекинот на огнот и целосно повторно отворање на Ормускиот теснец.
Весникот забележува дека со капиталот веројатно ќе се управува преку рамка за приватни компании заинтересирани за иранските пазари, наместо преку директна помош од една влада на друга.
Целосниот Меморандум за разбирање договорен од САД и Иран ќе биде јавно објавен во целост, потврди висок функционер на американската администрација. Деталите и целиот текст на договорот ќе бидат објавени во следните 24 до 48 часа.
„Меморандумот ќе биде јавно достапен. Еден од нашите главни принципи во овој процес е целосна транспарентност“, рече функционерот. Иако администрацијата на Трамп досега откри одредени делови од планот, официјалниот текст на договорот сè уште не е објавен во јавноста, и покрај тоа што двете страни дигитално го потпишаа во неделата.






