Еден од најпознатите и најшироко употребувани хербициди во светот е глифосатот. Во лозарството најчесто се користи за уништување на тревата меѓу редовите на лозјата и околу стеблата на лозата, со цел да се намали конкуренцијата за вода и хранливи материи. Со години оваа активна супстанција се сметаше за револуционерно решение кое им заштедува време и пари на земјоделците, но денес, глифосатот е во центарот на една од најголемите дебати поврзани со безбедноста на храната и влијанието на пестицидите врз човековото здравје.
Глифосатот – меѓу научните спорови и загриженоста на јавноста
Дали современото земјоделство ја плаќа својата цена со здравјето на луѓето, е прашање на кое одговор бара и Французинката Флер Брето која лани од галеријата на француското Национално собрание ги обвини пратениците, порака која одекна низ цела Европа, дека тие се сојузници на ракот, и дека таа ќе се погрижи сите да го дознаат тоа. Со тоа, Флер Брето, жена со две дијагнози на рак стана симбол на отпорот против хемикалиите во земјоделството.
Според Националниот институт за рак, Франција денес е меѓу земјите со највисока стапка на заболени од рак во Европа. Бројот на нови случаи од 1990 година речиси се удвоил и достигнал повеќе од 433.000 новодијагностицирани пациенти во 2023 година. Секоја година рак се дијагностицира и кај 1.700 до 2.000 деца помлади од 15 години, како и кај стотици адолесценти.

Флер Брето не е научник, но во обид да ги разбере причините за сопствената болест започнала да собира научни трудови, извештаи и истражувања и заклучила дека во светот има премногу отрови, порака што таа ја повторува во својата кампања „Бес на ракот“.
Француската национална студија „ПестиРив“, објавена во 2025 година, утврдила дека луѓето кои живеат во близина на лозја се изложени на повисоки нивоа на пестициди во организмот, во воздухот и во домашната прашина, во споредба со населението кое не живее во винските региони. Истражувањето, спроведено од „Санте паблик Франс“ и „АНСЕС“, опфатило над 2.600 учесници и покажало дека изложеноста е највисока за време на периодите на прскање. Сепак, истражувачите нагласуваат дека студијата мерела нивоа на изложеност и не воспоставува директна причинско-последична врска со конкретни заболувања.
Контроверзите околу глифосатот добија глобални размери во 2015 година кога Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која работи во рамките на Светската здравствена организација, го класифицираше како „веројатно канцероген за луѓето“. Од друга страна, Европската агенција за безбедност на храната и други европски регулаторни тела сметаат дека достапните научни податоци не се доволни за да се потврди дека глифосатот предизвикува рак кај луѓето кога се користи согласно пропишаните правила.

Винаријата Попова кула повеќе не користи глифосат
Додека во Европа се водат дебати за ограничување на глифосатот, дел од македонските производители веќе доброволно се откажуваат од неговата употреба. Меѓу нив е и винаријата Попова кула. Сопственикот на винаријата, Јордан Трајков, вели дека во нивните лозови насади повеќе не се користи глифосат и дека одлуката е донесена поради определбата за поодржливо и поодговорно производство.
Пестицидите, хербицидите и фунгицидите што денес масовно се користат во земјоделството се сериозни отрови, а особено загрижувачки е глифосатот. Станува збор за супстанца за која постојат бројни научни дебати и предупредувања, вели Трајков.

„Лично сум убеден дека долгорочната изложеност на вакви препарати има удел во зголемениот број малигни заболувања, не само во Тиквешкиот регион, туку и во целата држава. Токму поради тоа, пред неколку години одлучивме да преминеме на органско производство и целосно да се откажеме од употребата на овие препарати. Наместо тревата во лозјата да ја уништуваме со глифосат, ние ја косиме механички“, вели Трајков.
Тој верува дека доколку јавноста и институциите навистина ги согледаат сите последици од употребата на глифосатот, тогаш би се отворила сериозна дебата за негова целосна забрана.
„Станува збор за супстанца која тешко се разградува во природата и долго останува присутна во животната средина. Според мене, тоа е исклучително опасна материја на која треба да ѝ се посвети многу поголемо внимание. Ние остануваме посветени на органското производство и постојано бараме природни и побезбедни алтернативи за заштита на насадите. Како производители и љубители на вино, наша цел е да создадеме што поквалитетен, почист и поздрав производ за потрошувачите“, вели Трајков.
Еколошки пристап и контролирана употреба на препарати во Преспа
Преку индивудуалните искуства за добри практики на Александар Димовски и Ана Лабор, производители на еколошки производи, МКД.мк веќе пишуваше за подигање на јавната свест за еколошко производство во Преспанскиот регион.
„Кога зборуваме за пестициди и третирање на овошјето и зеленчукот, секој препарат има одредена каренца (временски период што мора да помине од последното прскање на растението со пестицид, до моментот кога производот смее безбедно да се јаде), период што може да трае три, седум, 15 или 20 дена, во зависност од самиот препарат. Ние најчесто користиме препарати од Европа, но и органски препарати што ги има и во Македонија и во Србија. Тоа е гаранцијата што ние ја даваме“, ни објасни Димовски при нашата посета на селото Арвати, кој со своето семејство произведуваат вино и храна.
Ана Лабор пак, со своето семејство живее и работи на земјиште старо повеќе од 100 години. Таа и нејзината сестра се петта генерација сопственици што се занимаваат со производство на јаболка веќе 60 години. Ана ни раскажа дека зад секое јаболко стои цела година работа и дека секој плод зависи од секоја правилна одлука. Денес, како петта генерација, Ана се обидува да го спои традиционалното производство со современите еколошки стандарди.
„Производството што го практикувам се води како конвенционално, но со големо внимание кон животната средина. Применуваме органска прихрана на целиот овоштарник и на сите дрвја. При прскањето внимаваме да не користиме препарати што би им наштетиле на пчелите. Друг тип на отпад се скапаните јаболка, кои ги одделуваме во текот на продажбата. Јас лично тие јаболка ги враќам во бавчата и на пролет ги мулчираме (градинарска техника со која почвата се покрива со слој од материјал за да се заштити земјата)“, раскажува Ана.
За прскање, Ана не користи хербициди и акарициди (хемиски средства што се користат во земјоделството за заштита на посевите и насадите).
„Наместо со хербициди, тревата ја отстрануваме со фрезирање, бидејќи прскањето ја загадува почвата. Не користиме ниту акарициди против пајаци. Она што го користиме се фунгициди против болести и инсектициди против вошки и црви, бидејќи тие најмногу му штетат на јаболкото. Се трудам да користам пестициди и инсектициди со каренца од 10 до 15 дена, за во моментот кога јаболката ќе стигнат до потрошувачите, производот да биде безбеден за употреба. Така гарантираме за нивниот квалитет“, ни објасни Ана.
Иако глифосатот е дозволен за употреба преку одредени регистрирани препарати, нема јавно достапни податоци колкави количества годишно се користат во македонските лозови насади. Нема ниту јавно достапни податоци колку често се вршат анализи за евентуални остатоци од глифосат во грозјето и виното произведени во земјата.
Поради сето ова, МКД.мк испрати прашања до Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарната управа и Државната фитосанитарна лабораторија, како и до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Кога ќе добиеме одговори од надлежните институции, МКД.мк веднаш ќе ги објави.
И.О.






