вторник, 16 јуни 2026

Мицкоски: Министри за правда, Албанци од ДУИ не сакаа да го решат прашањето со правосудниот испит

Министри за правда Албанци од минатите влади не сакаа да го решат прашањето за правосудниот испит, додека оваа Влада работи на одржливо решение за овој проблем биде надминат, истакна премиерот Христијан Мицкоски во интервју во вестите на ТВ Алсат.

Објавено на

часот

Сподели

„Од прв ден сум го кажал тоа и стојам позади тоа дека ако државата дозволила да се формира високо образование на јазик различен од македонскиот, во случајов во Македонија имаме такви примери со албанскиот, турскиот и англискиот јазик и ако државата овозможила тоа да се прави, јас не гледам никаква причина теоретскиот дел од полагањето на правосудниот испит да не се врши на еден од тие јазици кој е различен од македонскиот јазик, бидејќи вие сте дозволиле да се формира високото образование на тој јазик“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот воедно посочи дека став на Венецијанската комисија е дека мора да имаме лингва франкa, односно еден јазик во рамките на правосудството во Македонија и едното со другото во случајов не се косат.

„Од друга страна треба да кажеме исто така дека статистиката е немилосрдна и речиси 95 отсто од кандидатите Албанци кои го полагале правосудниот испит досега и теоретски и практичниот дел на македонски јазик го поминале, што значи апсолутно не станува збор за дискриминација“, додаде премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека моменталниот закон ваков каков што е не го уредува полагањето, туку остава право на министерот за правда со одреден друг правен акт да го регулира полагањето на правосудниот испит, затоа, додаде, оваа Влада бара решение, за разлика од претходните влади каде и министри Албанци не го решавале проблемот.

„Изминатите години повеќе министри Албанци од редовите на ДУИ не сакале, а оваа Влада има желба и работи на тоа да најде начин како овој предмет, односно овој проблем да биде надминат, а министерот Филков е дел од оваа Влада која бара решение, за разлика од претходните влади во кои министри Албанци, за правда не сакале да го решат“, рече Мицкоски.

Во однос на уставните измени Мицкоски вели дека уставни измени без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ нема да има. „Актуелната Влада нема да попушти на уцени поврзани со бугарските барања. Претходната Влада на СДСМ и ДУИ потпишала капитулација со прифаќање на тие барања. Јас испраќам генерално три пораки. Првата порака е дека уставни измени без ВМРО-ДПМНЕ нема. Политичарите од опозицијата можат да бидат мекото ткиво на македонскиот идентитет и државност, и тоа е она кое што го избрале, јас не можам ниту да им судам, ниту да давам пофални зборови. Второ, јас сум свесен, апсолутно дека претходната Влада потпишала бел лист хартија која што ние ја нарекуваме капитулација, поради различни интереси. ДУИ имала едни интереси тогаш, СДСМ имала други интереси. Но, она што ги обединува е мислата и желбата дека ако потпишат бел лист хартија едноставно некој ќе им ја подари победата на парламентарните избори кои што следеа. Очигледно е дека тоа не се случи и тие се сега длабоко во опозиција и во внатрешно дезинтегрирање на структурите и на едната и на другата политичка партија“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека Владата е свесна за обврските преземени од претходниот кабинет, но и за, како што наведе, обврските на Бугарија во однос на човековите права.

„Точно знаеме кои се обврските што ги презела претходната Влада. Но, исто така точно знаеме кои се обврските што некоја претходна влада на нашиот источен сосед ги преземала, а тоа е доследно почитување на човековите права преку потпишување и ратифицирање на Резолуцијата за почитување на човековите права. Вие денеска имате 14 пресуди на Судот за човекови права минимум со кои што Бугарија се обврзува да дозволи регистрација на ОМО Илинден – Пирин, таа одбива тоа да го прави. И оваа Резолуција е многу порано пред да бидат прифатени овие услови од претходната капитулантска македонска влада на СДСМ и ДУИ“, посочи Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ