Почитувани граѓанки и граѓани на Велес и на Македонија,
Другарки и другари.
Жал ми е што од технички причини не сум вечерва со вас тука во Велес, за да можете
директно и непосредно да го чуете она што сакам да го споделам со вас. Дозволете ми, првин да им се заблагодарам на оние сопатници на ова мое книжевно патување, кои со своето критичко присуство беа од огромна помош на трнливиот пат во текот на минатата година во создавање на ова дело. Глигор Стојковски, Васил Тоциновски,
д-р Радмила Ончева, Благоја Куновски Доре, Соња Ајановска-Делова, Предраг Терзиоски, Доне Донев, Елка Јачева-Улчар, Ирина Николовска, Славица Иванова. Ви благодарам на дружбата и помошта.
Исто така ја користам оваа прилика да изразам неизмерна благодарност на овогодишното жири на „Рациновите средби“, манифестација, која, е основана во едно друго, многу поубаво и далеку посреќно време, и да потсетам за оние кои не знаат, дека таа основана е на иницијатива на народниот херој Вељко Влаховиќ и со директна поддршка на Јосип Броз.
Благодарам од срце и ја изразувам мојата огромна почит кон членките на жирито, д-р
Елизабета Шелава, д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и д-р Марија Ѓоргиева – Димова, за нивната храброст и одважност да застанат зад едно вакво не ортодоксно дело, и што донеле одлука да го наградат токму „Коста Солев – Смртопис“, кое според почитуваниот Глигор Стојковски „задира директно во нашата колективна свест за Коста Солев и го демистифицира митот околу името Рацин“. Да Коста Солев, а не Рацин, како што лажно не убедуваат разни фарисеи, затоа што вистинската муза на Коста Солев, онаа што може да се исчита скоро во секој негов ракопис меѓу 1930 и 1940 година, е Невенка Вујиќ. Жената која што некои сакаа да ја премолчат и да ја избришат од неговиот живот, велешанката по љубов и убедување.
Благодарам од сѐ срце и на другарките и другарите од општина Велес, кои со маки и
огромен финансиски напор сѐ уште го држат жив овој спомен и гест на почит кон нашиот Коста Солев.
Меѓутоа, морам да бидам искрен и кон вас, но и кон себе.
„Коста Солев, Смртопис“ не е пишуван за награди, туку со огромна желба таму да се види и согледа светот на Коста од еден друг агол, а со тоа на неговата трага, да се соочиме со себе, со своите илузии и промашувања, со својата колективна вина за неговата смрт и за нашето секојдневно умирање. Да се соочиме храбро со тоа кои сме и што сме, за тоа како стигнавме така лесно на ова дно каде што сме сега. Морално, културно, образовно воспитно, економско, здравствено, еколошко, државотворно. Како од слободна држава, за која се бореше и за која умре Коста, како од АСНОМСКА Македонија со дефиниран македонски јазик и кодифицирана азбука, со почитуван идентитет, со азбука и македонски речник, на кои нешта Коста неуморно работеше и во робијашницата во Сремска Митровица, дојдовме до тоа да се изгубиме под уцените и заканите на насилниците од страна.
Да, секојдневно се прашувам како стигнавме до тоа да станеме полуписмен, вулгарен
народ, примитивна средина, село без кучиња, низ кое нѐ тероризираат глутници гладни волци, кои се јадат меѓу себе за грст јудини сребреници.
Како тоа дозволивме да живееме во запустено место во кое владеат партиски мафии кои бранат само свои лични интереси, во книжевна пустина создадена од помодарски
книжевно профитерски лицемерни кланови, одгледувани во сеприсутните ресавски
школи, во загадена паланка во која стандардите ги диктираат замаени, себе вљубени
десно ориентирани домаќинки и готвачки.
Како дозволиме на работниците во културата да им се ускратуваат правата на
елементарна заработувачка, а политичарите да си ги зголемуваат своите примања на
нивна сметка и на сметка на работничката класа која ја нема веќе.
Како тоа станавме културно политичка забит која се распаѓа од корупција, национализам и омраза кон сите, а највеќе кон самата себе.
Како станавме разнебитен свет сосема спротивен од хуманиот свет за кој Коста Солев
сонуваше и се бореше и заради што плати со својот мачен живот на прогонет и насилно отстранет пролетерски поет.
Би можел уште многу да говорам за него. За човекот кој беше наш Прометеј, кој
несебично се бореше против злоделата и репресијата на било кој режим и идеологија без разлика од каде доаѓаат тие. Кој се бореше „против проклетството на секоја тиранија“ како што велеше тој.
Токму затоа, заради тој негов прометејски оган, заради заветот кон него, јас ниту можам ниту сакам да се идентификувам со ваква нехумана, понижена, заробена Македонија, мојата мајковина, која секојдневно како грст песок исчезнува низ нашите прсти.
И секојдневно се прашувам како би реагирал Коста на сѐ ова што ни се случува денес, што би рекол тој денес, што би направил.
Се прашувам, таков каков што беше бунтовен и пркосен, дали Коста денес ќе речеше НЕ на насилната промена на името под грчки диктат, дали ќе речеше НЕ на денешната
бугарска фашистичка власт, која е иста како и онаа што 1942 година му ги искрши ребрата и стапалата, но не му го скрши духот и неговата борба за Македонија и нејзината слобода.
Да, јас верувам, длабоко верувам дека Коста ќе речеше НЕ на фашизмот околу нас, исто онака како што неговиот Ганчо Хаџи Панзов и Вељко Влаховиќ рекоа Но Пасаран во Шпанија, исто како што Јосип Броз рече НЕ на Сталин.
Простете, но во тоа име, во името на хуманизмот на Коста Солев, во името на неговата
љубов кон Македонија за која тој жртвуваше сé, во името на, како што велеше тој,
„хуманизмот, на хуманизирање на сите наши односи, дружења, контакти“, во името на
таа идеја и верување кои се длабоко всадени во мене, и од огромна почит кон него и кон сите оние борци на НОБ што ги дадоа своите животи за една поинаква Македонија, а не ваква каква што е сега, јас не можам и не сакам денес во вакви услови да ја примам оваа награда.
Јас имам 76 години и во овој момент, на крајот од мојот живот, за мене сево ова,
примањето на оваа награда, би било затворање очи пред грдата македонска реалност, би претставувало предавство на моите идеали, уште едно предавство на Коста Солев, и давање легитимитет на оваа власт и на секоја друга власт во Македонија од 1991 година до денес, кои ја разнебитија, ограбија, разурнаа, и обезличија Македонија.
Цврсто верувам, другарувајќи со Коста, повеќе од 45 години, од денот кога ги напишав првите страници на неговиот смртопис, дека со овој гест не ги изневерувам неговите идеали и соништа за создавање на еден поубав, праведен, хуман свет.
Наместо награди, ѕвонци и прапорци, време е, заден час е, да се соочиме со себе и да
сфатиме дека има нешто многу поважно од парите и сето лажно злато на светот кои некои од надвор ни го нудат, а тоа важното е човекот во нас, „да бидеш човек да работиш со рака и да мислиш со своја глава“ би рекол Кочо на Невенка… Време е да му се оддолжиме на Коста Солев и да направиме од Македонија хумано место за живеење… по мерка на човекот во неа.
Ви благодарам на вниманието и на почитта.
Ќе победиме! Би рекол Коста.
И уште нешто на крај,
предлагам паричниот дел од наградата да не исчезне некаде низ мрачните кафкијански ходници на администрацијата, туку да биде дониран на хуманитарната организација ПРКОС hlps://prkos.mk која со својата хуманитарна работа ги помага лицата со посебни потреби и сите оние слаби и немоќни на кои им треба наше внимание.
Најсрдечно,
Наум Пановски
Во Цирих, на 15 Јуни 2026
hlps://prkos.mk Жиро Сметка: 210-0725891701-94
Депонент: НЛБ Банка АД Скопје











