„Очекуваме конечниот договор да биде поддржан со резолуција на Советот за безбедност на ОН 60 дена по“ неговото потпишување, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багеј, за време на редовната неделна прес-конференција, истакнувајќи дека Техеран ќе „учи од грешките од минатото“, објави Франс прес.
САД и Иран постигнаа договор за прекин на војната, но допрва треба да се одржат понатамошни преговори за деталите од договорот. Меѓу нив е тоа дали Иран ќе наплаќа транзитна такса или услуги по отворањето на Ормускиот теснец. „Нашето очекување е дека на долг рок теснецот ќе се отвори без давачки“, кажа потпретседателот на САД Џеј Ди Венс.
„Тоа е нешто што ќе го решиме во овие технички преговори. Знаете дека има многу многу важни детали што треба да се решат, за кои всушност ќе седнеме на маса и ќе разговараме заедно и ќе најдеме пат напред“, кажа Венс, а пренесува Ројтерс.
Венс денес изјави дека се надева дека текстот на договорот за прекин на војната во Иран и отворање на Ормускиот теснец ќе биде објавен оваа недела, бидејќи понатамошните преговори за деталите од договорот треба да продолжат.
Иран денес најави дека ќе наплаќа надомест за услугите на бродовите кои минуваат низ стратегиски важниот Ормуски теснец, наместо транзитни такси, како дел од рамковниот договор постигнат со Соединетите Американски Држави.
„Секогаш сме тврделе дека немаме намера да наплаќаме транзитни такси, но дека ќе се наплаќаат такси за навигациски услуги, заштита на животната средина, осигурување на бродови и други потребни услуги“, објасни Багеј, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Повеќе извори претходно за Ројтерс изјавиле дека нацрт-договорот предвидува повторно отворање на Ормускиот теснец, укинување на американската блокада на иранските пристаништа и продолжување на прекинот на огнот, додека преговорите за нуклеарната програма на Иран ќе продолжат дополнителни 60 дена.






