„До 2036 година бројот на германски граѓани на работоспособна возраст ќе се намали за 4,3 милиони“, објави Институтот за германска економија (ИВ). Пред две години ИВ процени дека бројот на луѓе кои повеќе нема да бидат достапни на пазарот на трудот ќе се намали за три милиони.
ИВ објави дека, покрај пензионирањето на бројно посилната генерација на бејби бумерите во наредните години, на намалувањето на работоспособните жители влијае и посилното намалување на бројот на жители од очекуваното.
„До 2040 година, бројот на жители ќе падне под 82 милиони“, се наведува во соопштението за медиумите. Годишно се раѓаат 350.000 помалку луѓе отколку што умираат. Досега, зголемената имиграција го неутрализираше ова природно намалување на населението. Но, по воведувањето мерки за спречување на нерегулираната миграција, бројот на имигранти значително се намали.
„Германија не се наоѓа пред силни демографски промени туку е во средината на овој процес“, вели Холгер Шефер од ИВ. Се проценува дека генерацијата бејби бумери, родена помеѓу 1954 и 1969 година, брои околу 20 милиони жители. Сите тие ќе достигнат возраст за пензионирање до 2036 година.
„Веќе во наредните години, на пазарот на трудот ќе му недостасува работна сила за одржување на системите за социјална помош и социјални системи“, вели Шефер. Според мислењето на експертите од ИВ, овој негативен процес би можел да се ублажи со вработени кои се пензионираат подоцна, но и со насочена имиграција на професионална работна сила.
Досегашните мерки за подобро насочување на доселувањето навистина го намалија протокот на нерегулирани мигранти, односно бегалци и баратели на азил, но истовремено не го зголемија обемот на имиграција на квалификувана работна сила.






