понеделник, 15 јуни 2026

Срби уапсени на Косово поради наводно злосторство од 1999 година

Петмина уапсени Срби, кои од страна на косовското обвинителство се обвинети за вмешаност во воени злосторства за време на конфликтот во 90-тите, денес добија од судот во Приштина мерка притвор до 30 дена, потврдија нивните адвокати за медиумите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обвинителот на Специјалното обвинителство на Косово Илир Морина вчера објави дека полицијата, во соработка со обвинителството, уапсила пет пензионирани припадници на српската полиција под сомнение дека извршиле воени злосторства во селото Рачак на 15 јануари 1999 година.

Уапсените биле сослушани од судијата за претходна постапка на Основниот суд во Приштина, кој го прифатил предлогот на обвинителството и им изрече едномесечен притвор.

Адвокатите на уапсените вчера, на седница на судскиот совет, истакнаа дека тоа е уште еден обид да се припише колективна вина и дека обвинителот не навел конкретни обвиненија или индивидуални докази за нивната наводна вмешаност во наводните злосторства, но оценија дека, и покрај приговорите на одбраната, судот сепак ќе им одреди притвор.

Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада реагираше со соопштение, оценувајќи дека апсењата на дело покажуваат „систематско политичко и институционално насилство на Приштина предводено од премиерот Аљбин Курти“. Во соопштението за медиумите беше нагласено дека уапсените „со години живеат“ на Косово и не ги напуштиле своите домови, „бидејќи немале од што да кријат или да бегаат“.

„Случајот Рачак“ датира од 15 јануари 1999 година, кога во истоименото косовско село во судири со полициските сили на тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ) и припадници на милитантите на Ослободителната војска на Косово (УЧК) наводно биле убиени 45 Албанци.

Хашкиот трибунал го отфрли „Случајот Рачак“ поради недостиг од валидни докази. Тој настан се смета за пресвртница во косовскиот конфликт бидејќи послужи како непосредна причина и „оправдување“ за повеќемесечното бомбардирање на НАТО на тогашна СР Југославија, кое почна на 24 март истата година.

Воздушните напади, во кои учествуваа 19 членки на НАТО, завршија со потпишување на меѓународниот договор во Куманово на почетокот на јуни 1999 година, по што полициските и воените сили на СРЈ се повлекоа од Косово. Повлекувањето беше придружено со егзодус на повеќе од 200.000 косовски Срби и неалбанци, од кои десетици илјади никогаш не се вратија на Косово.

„Случајот Рачак“, кој сè уште е проследен со контроверзии, спротивставени тврдења и длабоки политички тензии, повторно се врати на политичката и судската сцена со апсењето и гонењето на петмината осомничени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ