понеделник, 15 јуни 2026

Владата го осуди опожарувањето на возилата на бугарската амбасада во Скопје

Владата најостро го осудува вандалскиот и недозволив чин на опожарување возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава – се наведува во реакцијата на Владата.

Надлежните институции, додаваат од Владата, веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите.

„Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија. Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите.  Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“, се потенцира во соопштението.

Претходно дел од медиумите објавија дека две возила се опожарени пред бугарската Амбасада во Скопје, како и дека возилата се во сопственост на дипломатското претставништво.

Денеска во 12:13 часот во СВР Скопје е пријавено дека на улицата „Златко Шнајдер“, пред Амбасадата на Република Бугарија, настанал пожар во две патнички возила – нагласуваат од МВР.

На местото на пожарот излегле полициски службеници, кои констатираледека делумно биле опожарени патничко возило киа и патничко возило сузуки, сопственост на амбасадата.

Во пожарот нема повредени лица, а тој бил изгаснат и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Фото: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ