Потребно е, посочи премиерот, отворено да се разговараме за органодарителството, да ја подигнуваме јавната свест и да ги охрабруваме луѓето да се информираат за значењето на оваа благородна одлука затоа што никој не знае што носи утрешниот ден. Тој рече дека секој од нас може да се најде во ситуација да чека орган што ќе му го спаси животот, но исто така, секој од нас може да биде причината некој друг да добие нова шанса.
„Трансплантацијата е ново утро за човек кој мислел дека надежта исчезнува. Таа е нова можност за родител кој повторно сака да биде покрај своите деца. Таа е шанса млад човек повторно да учи, да работи, да создава семејство и да ги остварува своите соништа. Зад секоја успешна трансплантација стои една човечка приказна. Приказна за борба, за трпение, за вера и за надеж. Приказна за луѓе кои со месеци и години чекале повик што за нив значи нов живот. Приказна за семејства кои минувале низ неизвесност, но никогаш не ја изгубиле надежта“, рече Мицкоски.
Но, потенцира тој, зад секоја успешна трансплантација стои и една друга приказна, приказна за семејства кои во моменти на огромна болка и лична трагедија успеале да најдат сила да направат нешто што бара исклучителна храброст.
„Во мигови кога се соочуваат со најтешката загуба, тие одлучуваат животот да продолжи преку други луѓе. Токму затоа денес оддаваме најдлабока почит на сите донори и на нивните семејства. Нивната хуманост претставува светол пример за целото општество. Тие покажуваат дека и во најтешките мигови човекот може да најде сила да мисли на другите и да подари надеж таму каде што изгледало дека надеж повеќе нема. Посебна благодарност заслужуваат и здравствените работници кои се дел од овој сложен и исклучително одговорен процес“, посочи Мицкоски.
Нагласи дека нашите лекари, хирурзи, анестезиолози, координатори за трансплантација, медицински сестри и целиот медицински персонал се луѓе кои секојдневно носат огромна одговорност на своите плеќи.
„Тие работат кога другите одмораат. Тие дежураат кога другите спијат. Тие носат одлуки во моменти кога секоја минута може да значи разлика меѓу животот и смртта. Нивната работа не познава празници, не познава викенди и не познава работно време. Нивната мисија е животот. А животот нема пауза. Токму затоа нивната пожртвуваност заслужува најголема почит. Како држава, наша обврска е да бидеме нивен партнер во оваа мисија. Затоа продолжуваме да вложуваме во здравствениот систем, во современа медицинска опрема, во нови технологии, во едукација и усовршување на медицинскиот кадар и во создавање услови трансплантациската медицина да продолжи да се развива и да достигнува нови успеси“, рече Мицкоски.
Според него, силен и модерен здравствен систем не се гради преку ноќ, тој се гради со посветеност, со визија и со постојани инвестиции во знаењето, луѓето и технологијата.
„Големиот лекар, филозоф и хуманист Алберт Швајцер рекол: „Најголемата цел на човечкиот живот е да служи, да покажува сочувство и да има волја да им помага на другите“. Токму во овие зборови е содржана суштината на органодарителството. Во него се спојуваат човечката добрина, сочувството и желбата да се помогне на човек што можеби никогаш нема да го запознаеме, но чиј живот ќе биде спасен благодарение на нашата одлука. Денес оддаваме признание на сите донори и нивните семејства. Им оддаваме признание на сите трансплантирани пациенти кои со својата храброст и истрајност покажуваат колку е вреден животот. Им оддаваме признание на сите медицински тимови кои секојдневно ја претвораат надежта во реалност“, додаде Мицкоски.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување веќе е во финална владина постапка.
„Утре на седница на Владата ќе ја презентираме драфт верзијата на новите членови од законот кои ќе ги изменуваме. Со законските измени, секој полнолетен граѓанин при посета на својот матичен лекар ќе треба да се произнесе дали сака или не сака по смртта да биде органодарител. Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој Термин“, и тоа безбедно и со двојна верификација, при што секој ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука“, истакна Алиу.
Воедно, тој потенцираше дека кога системот ќе започне со примена, ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.
„Со поддршка на Владата и на сите релевантни институции, темата за органодарителството конечно ја поставуваме таму каде што припаѓа, во средиштето на јавниот разговор. Нашата цел не е само да имаме медицински подготвени тимови. Потребно е да изградиме и општество кое ја разбира вредноста на дарувањето, му верува на системот и знае дека една одлука може да спаси повеќе човечки животи. Ова е само почеток, институционалното темпо ќе го засилуваме, системот нема да се предаде затоа што некаде некој чека“, порача министерот Алиу.
Тој упати голема благодарност до сите трансплантациони тимови кои беа дел од сите сложени операции операции досега: Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Национален центар за кардиоваскуларни заболувања, Клиниката за ортопедија, Клиниката за урологија, Клиниката за неврохирургија, Клиниката за нефрологија, Институтот за радиологија, Институтот за трансфузиологија и централна стерилизација.
Деканот на Медицинскиот факултет, проф.д-р Светозар Антовиќ рече дека целта на иницијативата е да се зголеми свеста на македонските граѓани дека голем дел од пациентите кои се на листите на чекање чекаат орган и според светските статистички очигледно нема да го дочекаат освен ако како држава направиме исчекор кој ќе ги реши тие тие конечни проблеми на кажување „не“ кога станува збор за донирање органи.
Причините за тоа што граѓаните одбиваат да донираат, посочи тој, не се само наши, реално се светски проблеми и многу поразвиени системи го имаат тој проблем.
„Претпоставувам дека најголемата причина е тоа што барањето за донација секогаш доаѓа во моменти кога луѓето го изгубиле својот најблизок, се соочуваат со една лична тага и болка и уште дополнително ние бараме тие да донираат органи, така што сосема е разбирливо некои од нив да кажат ‘не’, меѓутоа мора да знаат дека со тоа ‘не’ оневозможиле најмалку осум луѓе да им се спаси животот. Еден донор потенцијално до осум луѓе може да излекува. Сите сме на крајот на краиштата потенцијални болни кои ќе се најдеме на тие листи и тоа не за неколку години, туку од утре може да се најдеме на тие листи. Кога би се нашле на тие листи сигурно би размислуваме веднаш поинаку. Како една финална порака – грижата за нашите сограѓани е реално грижа за самите себе“, додаде проф.д-р Антовиќ.
На трибината учествуваа претставници на Владата, здравствените институции, трансплантациските тимови, граѓански организации, студенти и здравствени работници.






