понеделник, 15 јуни 2026

Русевски: Додека се гради ПР приказна за „успех“, македонскиот тенис е во сериозна криза

Легендарниот македонски тенисер, Предраг Русевски, на социјалните мрежи го кажа своето мислење за актуелната состојба во македонскиот тенис.

Објавено на

часот

Сподели

Македонската тениска федерација се пласираше во Втората светска група, а за нас играше и натурализираниот Македонец, Олег Приходко. Тоа беше и една од темите кои Русевски ги спомена во своето излагање. Меѓудругото тој говори за детските лиги, за развојот на тенисот, за раководењето на овој спорт кај нас…

„За мене, како поранешен репрезентативец, Дејвис купот бил најсериозниот дел од мојата кариера, одлична дружба, хемија во тимот и енергија проследена со феноменални моменти кои ке останат засекогаш во мојата меморија и на многу други вистински љубители на тенисот бидејки биле вистински и затоа денес мора директно да се каже дека македонскиот тенис е во сериозна криза, додека се гради ПР приказна за „успех“.

Сè е сведено на затворен круг околу спортскиот директор (кој е и селектор на ДК), каде одлуките се носат без транспарентност и без реална одговорност. Луѓе со знаење и искуство се исклучени од системот, не затоа што не се потребни, туку затоа што не се дел од тој затворен круг. Наместо развој, доминира затворен систем кој функционира за самопромоција, а не за напредок на спортот.

Најнеприфатливо во целата ситуација е да се носи странец кој апсолутно нема допирна точка со Македонија и нема апсолутно никакво влијание за македонските играчи, се нема појавено во Македонија освен да си го земе пасошот,, додека домашните играчи се целосно маргинализирани и сведени на клупа да добиваат жуљеви на рацете не од играње тенис туку од плескање и навивање!. Уште посериозно, и други квалитетни македонски тенисери не добија повик за Дејвис куп, што го доведува во прашање целиот критериум на избор и фер пристап кон репрезентацијата.

Во исто време во истиот викенд, се откажуваат детски и јуниорски турнири (недоволен број на играчи), што директно ја урива базата на спортот. Најапсурдно од сè е што се прекинуваат дури и детски натпревари во таканаречената детска лига само за да се направат фотографии сликање и да се прикаже дека нешто се работи без никаква цел, Тоа е крајно неспортски и директно понижување за децата и за нас како родители и целиот детски тенис.

Најавуваниот национален тениски центар, кој требаше да биде темел и дом на македонскиот тенис, останува далеку од реализација. Наместо конкретни резултати, години наназад има само најави, додека клубовите се оставени во катастрофални услови кои сега не се тема на разговор!

Условите во клубовите се тешки, без системска поддршка и без реална комуникација со Федерацијата. Клубовите – кои треба да бидат основа на секој спорт – се оставени сами да се борат, додека федерацијата функционира без слух за реалните проблеми.

Ова не е развој, туку системско уназадување: затворен круг на одлучување, исклучување на луѓе со знаење, игнорирање на клубови, маргинализација на играчи, откажување на турнири и ПР замена за реалност. Во такви услови, секој „успех“ е само медиумска конструкција, а не вистински напредок на македонскиот тенис кој го нема долги години наназад за жал! Мора подобра енергија и прави луге на прави места кој искрено го сакаат спортот и сакаат негов напредок а не само ситни лични интереси! Спортски поздрав!“, напиша Предраг Русевски на социјалните мрежи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ