понеделник, 15 јуни 2026
Словенечки и хрватски градови на листата

„Престолнини на кокаинот“ во Европа: Каде потрошувачката расте најбрзо?

Најновиот извештај од Агенцијата за дрога на Европската унија (ЕУДА) дава увид во тоа каде употребата на кокаин е најраспространета, врз основа на количините на остатоци од дрога пронајдени во отпадните води.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најголеми количини се забележани во шпански и белгиски градови, а листата на првите 15 земји вклучува и три града од регионот – Сплит во Хрватска и Велење и Домжале Камник во Словенија.

Словенечките градови се на четврто и петто место, а Сплит е на четиринаесеттото место.

Лерида во западна Каталонија предводи на европската листа со просек од 1.405 мг кокаин на 1.000 жители. На второ место е Антверпен, Белгија (1.382 мг), по што следат Гранада, Шпанија (1.238 мг), Амстердам (1.172 мг), Лиеж, Белгија (1.039 мг) и Брисел (1.020 мг), јави Јуроњуз.

Меѓу првите десет се и Сантијаго де Компостела во Шпанија (1.008 мг), австрискиот скијачки центар Куфштајн (998 мг), Барселона (997 мг) и Намур, Белгија (927 мг).

Каде употребата на кокаин расте најбрзо?

Податоците од отпадните води исто така откриваат каде употребата на кокаин расте најбрзо, пишува Јуроњуз.

Порталот „Европа во движење“ ги анализираше стапките на раст меѓу градовите во кои во отпадните води се пронајдени најмалку 500 мг остатоци од кокаин на 1.000 жители.

Шпанија во моментов се издвојува како најголемо жариште. Барселона (+185 проценти или +647 мг) и Лерида (+125 проценти или +782 мг) забележаа најголемо зголемување во Европа, и во релативни и во апсолутни бројки.

Словенија исто така забележа значителни зголемувања, особено во областите Велење, Домжале и Камник, каде што зголемувањата се движеа од +272 мг до +329 мг.

Данска е уште едно растечко жариште, со зголемување на нивоата во Есбјерг (+266 мг), Алборг (+234 мг) и Копенхаген (+148 мг).

Кој најмногу користи кокаин?

ЕУДА исто така спроведе анкета меѓу европските граѓани за тоа дали користеле кокаин во 12-те месеци пред објавувањето на истражувањето.

Според податоците, највисоки стапки на употреба се забележани во Норвешка и Холандија.

Најмалку 2,9 проценти од возрасните во овие земји користеле кокаин во изминатите година дена. Потоа следуваат Франција со 2,7 проценти, Шпанија со 2,5 проценти и Ирска со 2,4 проценти.

Меѓу помладите лица, на возраст од 15 до 34 години, уделот на корисници е уште поголем.

Норвешка повторно е во водство со 5,6 проценти, пред Холандија со 5,3 проценти и Ирска со пет проценти.

Која е Атлантската кокаинска рута?

Најновите податоци на ЕУДА покажуваат дека Шпанија пријавила најголема количина на запленет кокаин – 124 тони само во 2024 година.

Франција е втора со 53,5 тони, што е воедно и најголемата заплена во историјата на земјата.

Во исто време, количината на запленет кокаин значително е намалена во Белгија (за 64 проценти), Германија (за 45 проценти) и Холандија (за 36 проценти). Иако вкупната количина на запленет кокаин во земјите-членки на ЕУ се намали во 2024 година, бројот на поединечни полициски операции се зголеми на 97.000.

Ова, според ЕУДА, укажува на промени во рутите и методите на шверц, а не на намалување на количината што стигнува до Европа.

Конкуренцијата на пазарот на кокаин е главен двигател на криминалот, вклучувајќи насилство меѓу банди и убиства во некои земји. Шверцерите сè повеќе користат помали пристаништа и претовар на дрога на отворено море, користејќи различни бродови, полуподморници со или без екипаж, беспилотни летала и софистицирани методи на физичко и хемиско прикривање.

Низ Европа, последната фаза на испорака често се одвива со помали бродови што се закотвуваат на оддалечените делови на бреговите на Португалија и Шпанија, користејќи плажи и мали марини за да избегнат откривање.

Во април минатата година, голема операција координирана од Европол зададе голем удар на една од главните шверцерски рути преку Атлантикот, позната како Атлантска рута на кокаин.

Операцијата беше насочена кон источноатлантскиот коридор помеѓу шпанските Канарски Острови и португалските Азорски Острови. Резултатите од операцијата беа импресивни: запленети се 11 тони кокаин, 8,5 тони хашиш, уапсени се 54 лица и пресретнати се осум бродови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ