понеделник, 15 јуни 2026

Франција ја критикува Русија: „Како да го бомбардиравте Нотр Дам“ (ВИДЕО)

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека рускиот напад врз Киевско-печерската лавра е споредлив со бомбардирањето на париската катедрала Нотр Дам.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е локалитет под заштита на УНЕСКО, што за нас во Франција е како да го бомбардиравте Нотр Дам или базиликата Сен Дени. Сосема неприфатливо“, рече Баро по пристигнувањето во Луксембург на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија.

Четири лица беа убиени во нападите врз Киев, додека пет спасувачи ги загубија животите борејќи се со пожар предизвикан од напад во североисточниот град Харков, соопштија украинските власти.

Катедралата Успение во Киевско-печерската лавра од 11 век беше значително оштетена, во она што украинската премиерка Јулија Свириденко го опиша како „брутален напад врз украинскиот народ и наследство“. Голем дел од Украина денес беше под предупредувања за воздушен напад. Најмалку 23 лица беа ранети во нападите врз Киев, додека уште пет лица беа повредени во Харков.

Катедралата е дел од Киевско-печерската лавра, комплекс од манастирски градби што е под заштита на УНЕСКО.

„Итно ќе ги покренеме сите релевантни процедури во рамките на УНЕСКО и другите меѓународни механизми и ќе побараме итни и соодветни реакции на ова државно варварство“, најави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Ова не е прв пат катедралата да биде погодена. За време на Втората светска војна, таа беше речиси целосно уништена, освен југоисточната кула, според УНЕСКО. Катедралата беше реновирана пред приближно 25 години во согласност со архитектонските форми на украинскиот барок од крајот на 18 век.

Соседна Полска соопшти дека подигнала борбени авиони и ставила во состојба на готовност системи за воздушна одбрана како „превентивен“ одговор на руските напади врз Киев. Нападите се случуваат пред состанокот на Г7, кој ќе се одржи во Франција оваа недела, каде што војната во Украина ќе биде една од главните теми.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера објави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за напорите за прекин на долготрајниот конфликт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ