понеделник, 15 јуни 2026

Шикорски: Украина не може да влезе во ЕУ додека не ги исполни сите критериуми

Полскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Радослав Шикорски предупреди денеска пред состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од Европската унија дека Украина мора да ги исполни сите поставени критериуми доколку сака да стане полноправна членка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со секоја деценија од постоењето на ЕУ, влегувањето во неа е сè потешко, а не полесно, бидејќи достигнувањата на европското право и интеграциите стануваат сè поголеми и подлабоки. Техничките преговори ни траеја седум години и треба да бидеме сигурни дека Украина ќе биде подготвена и дека проширувањето ќе биде успех за двете страни“, рече Шикорски.

Шефот на полската дипломатија истакна дека сите критериуми за влез во ЕУ мора да бидат целосно исполнети.

Шикорски исто така изрази надеж дека денеска министрите ќе успеат да договорат нов пакет санкции против Русија, а ги истакна и новите санкции за флотата во сенка, бродовите под странски знамиња често во катастрофална состојба што превезуваат руска нафта, како и нови санкции за руската воена индустрија и проширување на списокот на лица одговорни за војната во Украина.

„Путин ја омаловажи Европа, а сега гледа дека Европа знае да биде солидарна и ефикасна“, рече Шикорски.

Полскиот министер ја поддржа иницијативата на Естонија да им се забрани на руските воени ветерани влез во ЕУ.

„Поентата е дека луѓето чиј морал е уништен од војната и кои се виновни за воени злосторства не можат да одат на одмор, да речеме на француската ривиера“, рече Шикорски.

Полскиот премиер Доналд Туск минатата недела вети дека Полска нема да ги внесе своите билатерални спорови со Украина во процесот на интеграција на Украина, на пример за болните поглавја од заедничкото историско минато.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ