понеделник, 11 мај 2026

Од диви депонии и отпад од пестициди, до еколошко производство, за Преспанци здравата природа е најскапоцениот род

Во преспанските села, каде што утрата мирисаат на влажна земја, расцутени јаболкници и зрело грозје, природата сè уште не е само пејзаж, таа е начин на живот, а семејствата од Ресенско секојдневно водат тивка, но важна битка, како да се произведе квалитетна храна и вино, а притоа да се зачува природата. Александар Димовски од Арвати и Ана Лабор од Царев Двор покажуваат дека квалитетното вино и јаболко не се создаваат само со труд, туку и со почит кон земјата, водата и животната средина.

Објавено на

часот

Сподели

Во Арвати, на 900 метри надморска височина, меѓу лозовите насади и мирисот на дрво и вино, Александар Димовски ја раскажува приказната за семејната винарница „Алест“, каде што ништо не е случајно. Од изборот на локални сорти грозје, до начинот на кој се служи виното на гостите, сè е дел од една поширока филозофија на одговорност кон природата.

Таквата филозофија секојдневно ја живеат сопружниците Петре и Руменка со нивните синови Александар и Стојанче под будното око на најстариот член на семејството баба Павлинa која и на 75 години неуморно и секојднево одгледува еколошки чиста храна во семејните бавчи во Арвати.

Од бавча директно на трпеза – со грижа за природата

Меѓу старите лозја и дрвените буриња, Александар вели дека чистата околина е исто толку важна колку и доброто вино.

„Кога зборуваме за пестициди и третирање на овошјето и зеленчукот, секој препарат има одредена каренца (временски период што мора да помине од последното прскање на растението со пестицид, до моментот кога производот смее безбедно да се јаде), период што може да трае три, седум, 15 или 20 дена, во зависност од самиот препарат. Ние најчесто користиме препарати од Европа, но и органски препарати што ги има и во Македонија и во Србија. Тоа е гаранција што ние ја даваме“, објаснува Димовски.

Освен вино, семејството Димовски произведува и храна, која им се нуди за дегустација на гостите што доаѓаат да го истражат уникатниот еколошки систем на Преспа. Од бавча директно на трпеза.

„Една од еколошките практики што ја применува нашиот семеен бизнис е користењето мали навики и алатки, кои на прв поглед можеби изгледаат незначајни, но во еколошка смисла имаат големо значење.

Гостите ги послужуваме со стаклени чаши, порцелански садови и инокс прибор. Ние не правиме ништо посебно, туку едноставно се трудиме да не користиме пластика таму каде што не е потребна. Единствено може да користиме пластично шише за вода, доколку некој гостин не сака да пие изворска вода бидејќи имаме сопствен водовод со филтер од 0,2 микрони. За нашите производи, пак, користиме исклучиво стаклена амбалажа“, објаснува Александар.

Тој вели дека кога би можело, семејството Димовски би ги рециклирало и стаклените шишиња, но тоа е исклучително скап процес за кој се потребни многу пари.

„Додека не се создадат услови за тоа, ние ги рециклираме нашите шишиња, ги одвојуваме на страна и кога ќе се собере одредено количество, им ги предаваме на овластени компании за рециклирање.

Стаклото повторно се преработува и од него повторно се произведуваат шишиња“, вели Александар.

Семејството Димовски оди и чекор подалеку. Со оглед на тоа што компостарницата во Ресен не е обновена, тие сами го компостираат отпадот, кој подоцна го користат директно во бавчите каде што ја произведуваат храната.

Безбедно јаболко, чиста почва и заштита на пчелите

Дваесетина километри подолу во близина на Преспанско Езеро, во Царев Двор, живее Ана Лабор со своето семејство на земјиште старо повеќе од 100 години. Таа и нејзината сестра се петта генерација сопственици што се занимаваат со производство на јаболка веќе 60 години. И додека преспанскиот ветер ги вее гранките полни со цветови, Ана тивко објаснува дека зад секое јаболко стои цела година работа и дека секој плод зависи од секоја правилна одлука. Денес, како петта генерација, Ана се обидува да го спои традиционалното производство со современите еколошки стандарди.

„Производството што го практикувам се води како конвенционално, но со големо внимание кон животната средина. Применуваме органска прихрана на целиот овоштарник и на сите дрвја. Внимаваме и при наводнувањето, не користиме повеќе вода отколку што е потребно. Сметам дека и тоа придонесува за заштита на животната средина. При прскањето внимаваме да не користиме препарати што би им наштетиле на пчелите. Друг тип на отпад се скапаните јаболка, кои ги одделуваме во текот на продажбата. Јас лично тие јаболка ги враќам во бавча и на пролет ги мулчираме (градинарска техника со која почвата се покрива со слој од материјал за да се заштити земјата)“, раскажува Ана.

Но и покрај трудот на земјоделците, проблемите остануваат.

Еден од најголемите е нерегулираното одлагање на отпадот од пестициди – проблем што со години ја мачи Преспа. Ана вели дека системот што некогаш постоел повеќе не функционира.

„Во моментов, јавното комунално претпријатие ги собира амбалажите од пестицидите доколку се ставени во вреќи, но и понатаму сè завршува на исто место. Сепак, тоа е подобра опција отколку отпадот да заврши покрај нивите, каналите или бавчите“, вели Ана.

За да го ублажи проблемот, семејството на Ана, за прскање не користи хербициди и акарициди (хемиски средства што се користат во земјоделството за заштита на посевите и насадите). Особено внимание ѝ посветуваат и на заштитата на пчелите, клучните чувари на овоштарниците во периодот на цветање.

„Наместо со хербициди, тревата ја отстрануваме со фрезирање, бидејќи прскањето ја загадува почвата. Не користиме ниту акарициди против пајаци. Она што го користиме се фунгициди против болести и инсектициди против вошки и црви, бидејќи тие најмногу му штетат на јаболкото. Се трудам да користам пестициди и инсектициди со каренца од 10 до 15 дена, за во моментот кога јаболката ќе стигнат до потрошувачите, производот да биде безбеден за употреба. Така гарантираме за нивниот квалитет“, објаснува Ана.

Преспа повеќе не може да чека

Додека туристите ги фотографираат расцутените јаболкници и мирната површина на езерото, Преспа во заднината се бори со проблеми што не се гледаат на фотографиите низ социјалните мрежи. Пестицидите, дивите депонии, пластиката и недоволната инфраструктура со години тивко ја нагризуваат природата. Затоа проектот „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, започнат во 2025 година преку практиката и системот што почна да се воспоставува, ја донесе Преспа пред пресвртница во управувањето со отпадот.

„Според процените, околу 99 проценти од отпадот во Македонија завршува на депонии. Дополнително, значителен дел до 30 проценти во одредени региони завршува на таканаречени дива ѓубришта, односно нестандардни депонии. И постојните општински депонии во суштина функционираат како големи ѓубришта, кои со текот на времето само се прошириле. Ретко некоја депонија е изградена на соодветна локација и според стандарди. Исклучок се само неколку објекти, како Дрисла и привремената депонија во Гевгелија. Останатите не ги исполнуваат ниту основните услови за безбедно управување со отпад. Во некои случаи, депонирањето отпад во природа сè уште излегува поевтино од негово соодветно управување, што укажува на сериозен системски проблем“, вели Емил Ангелов од невладината организација Солар интернационал.

Директорот на јавното комунално претпријатие „Пролетер“, Марчел Русу вели дека селектирањето на отпадот мора да започне уште таму каде што се создава.

„Досега селектираме електронски отпад и стакло. Во март започнавме и со селекција на текстил, и можам да кажам дека доста успешно се справуваме во овој сегмент. Влеговме со презентации кај најмладите, за да ги запознаеме со значењето на селектирањето, и во градинките, и во училиштата. Следната фаза е селекција на пластика и лименки. За таа цел, секое домаќинство ќе добие по една жолта канта, во која ќе биде задолжено да го селектира овој вид отпад, согласно со правилата за употреба и постапување“, вели Русу.

Според плановите на претпријатието, во 2027 година е предвидена селекцијата и на органски отпад. До септември 2027 година треба да заврши меѓуграничната соработка со Грција за реновирање на компостарницата, по што ќе започне процесот на селектирање и на органскиот отпад.

„Во истиот период треба да завршиме уште еден проект на Општина Ресен за собирање и селектирање отпад од пестициди, што претставува сериозен проблем во едно земјоделско подрачје какво што е Ресен. Сметам дека ќе успееме значителен дел од сегашниот комунален отпад да го издвоиме, селектираме и третираме соодветно, онака како што е потребно“, вели Русу.

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, вели дека еден од начините за справување со нелегалното исфрлање на отпадот е формирање комунална полиција.

„Комуналната полиција ќе има право да ги посетува оние што несоодветно ќе управуваат со отпадот. Ако ни е евтино да си ја платиме казната, тогаш во ред, а ако ни е скапо да депонираме отпад таму каде што е бесплатно, тогаш нема проблем“, вели Тозиевски.

Во време кога климатските промени стануваат сè повидливи, а штетните последици за луѓето сè поголеми, новата генерација локални производители, како што се Александар и Ана, разбираат дека иднината на нивниот бизнис директно зависи од здравјето на земјата и водата. Тие со своите секојдневни навики покажуваат дека грижата за природата не почнува со големи стратегии, туку со едноставна одлука, да не се загадува земјата што те храни.

Искра Опетческа

Со оваа содржина, МКД.мк ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ