Како што пишува порталот, барањето за изземање доаѓа откако таткото на петгодишното дете, поднел жалба на новата пресуда на Основниот суд во Охрид, со која во повторената постапка детето е доверено на мајката Невена Спасеска. Со жалбата, предметот повторно треба да се разгледува во Апелацискиот суд Битола, каде како претседател на судот постапува Жаклина Доведен, чија претходна одлука во истиот предмет минатата година беше укината од Врховниот суд.
Правниот тим на мајката бара изземање на Доведен поради сомнеж за нарушена објективност и пристрасност. Во барањето се посочува на одлуката на Судскиот совет дека Жаклина Доведен постапила незаконски кога извршила промена на член во судечкиот совет еден ден пред донесувањето на пресудата, при што вклучила кривичен судија кој немал време ниту да го проучи предметот. Дополнителен аргумент на одбраната е и тоа што Доведен не дозволувала увид во предметот на адвокатите на мајката, а Судскиот совет подоцна оцени дека за тоа немало никаква законска пречка и дека увидот бил нивно законско право“, пишува А1он.
Според правниот тим на мајката, сите овие околности создаваат основан сомнеж дека Доведен не може повторно непристрасно да одлучува во истиот случај.
Сега Врховниот суд ќе треба да оцени дали овие околности се доволна причина претседателката на Апелацискиот суд во Битола, да биде изземена од понатамошното постапување во овој случај.
Врховниот суд на 3 јули минатата година ја укина пресудата со која детето му го довери на таткото од Охрид.
„Во образложението, Врховниот суд наведе дека пресудата е ‘нејасна и неразбирлива’, дека не содржи доволно образложени причини за решителните факти врз основа на кои е донесена, а дел од причините не произлегуваат од изведените докази. Врховниот суд утврди и дека Доведен одлучувала без воопшто да ги утврди и наведе и родителските капацитети на мајката. Замерка за Доведен од Врховниот суд беше и дека не утврдила кој е најдобриот интерес за детето и дека не ги извела сите релевантни докази за да одлучи на кој од родителите треба да се довери детето“, пишува А1он.
Сега, Врховниот суд ќе треба да одлучи дали сите овие околности и одлуката на Судскиот совет се доволни аргументи за изземање на судијката Жаклина Доведен од постапувањето во овој случај.






