„На јавната аукција учествуваа девет заинтересирани понудувачи од Струга, Охрид, Битола и Скопје. По транспарентна и конкурентна постапка, највисоката понуда во износ од 22.000 евра ја достави компанија од Битола, која беше избрана за најповолен понудувач“, пишува во информацијата.
Актуелната општинска администрација, како што наведуваат, смета дека на Општина Струга не ѝ се потребни луксузни службени возила, туку функционална администрација, рационално управување со јавните средства и инвестиции кои ќе го подобрат секојдневниот живот на граѓаните.
„Секое заштедено евро значи повеќе средства за инфраструктура, училишта, градинки, јавни површини и поквалитетни услуги за граѓаните. Тоа е принципот на кој се темели работењето на новото општинско раководство – помалку луксуз за функционерите, повеќе инвестиции за Струга. Општина Струга ќе продолжи со политиката на рационализација на трошоците, транспарентно управување и постепено намалување на јавниот долг. Само со домаќинско и одговорно управување со јавните финансии можеме да изградиме поразвиена, постабилна и поуспешна Струга“, посочува општинската прес-служба.
Автомобилот, Ауди А6, кој Општина Струга го купи 67.000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамис Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка. Против Мерко се водеше судски спор, на кој судот во Струга одлучи дека нема вина за набавката на луксузното возило.






