Крузерот „Од Атина до Венеција“, кој испловува од Грција на 5 јули, требаше два дена подоцна да пристане во познатото турско летувалиште Кушадаси, а потоа и во Истанбул, наведува компанијата „Атлантис евентс“, организатор на патувањето, пренесува Си-ен-ен.
Меѓутоа, во потег што предизвика полемики, локалните власти во Турција соопштија дека го откажуваат „настанот“, со образложение дека бродот, на кој се очекуваат повеќе од 1.000 патници од САД, е изнајмен за групи „познати по однесување што не е во согласност со општественото ткиво и моралните вредности на нашата земја“.
Бродот „Скарлет Лејди“ е во сопственост на компанијата „Вирџин војаџис“, зад која стои британскиот милијардер Ричард Бренсон, покажуваат податоците на сајтот „Марин Трафик“. Од компанијата „Атлантис евентс“ соопштија дека, наместо во Турција, крузерот ќе пристане во Каиро, Египет, и на грчкиот остров Крит.
Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во последните десет години зазема сè поостар став кон ЛГБТК+ заедницата, што предизвика осуди од организациите за човекови права. Властите од 2015 година ги забрануваат парадите на гордоста во Истанбул, наведувајќи како причина безбедносни ризици и заштита на јавниот ред.
„Искрено, ова е прилично шокантно. Образложението едноставно е дека станува збор за геј група“, изјави за Си-ен-ен претседателот и извршен директор на компанијата „Атлантис евентс“, Рич Кембел.
„Многу ме загрижува кога некоја држава ќе одлучи дека може да избира на кои туристи ќе им дозволи влез, а на кои нема“, додаде тој.
Кембел рече дека првпат во 36-годишното постоење на компанијата властите изречно им соопштиле дека не можат да пристанат во пристаниште поради тоа „кои се“.
„Епска авантура“
Според неговите зборови, околу 1.100 од вкупно 1.900 патници на ова крстосување доаѓаат од САД, а останатите се од Велика Британија, Канада, Австралија и други земји.
На веб-страницата на компанијата, десетдневното патување е опишано како „епска авантура“ што им овозможува на пријателите да ги посетуваат медитеранските острови, вклучувајќи сончеви дестинации како грчките острови и Хрватска.
Властите на покраината Ајдин, во која се наоѓа пристаништето Кушадаси, соопштија дека „не постои апсолутно никаква можност наведената група да ја посети нашата покраина за настан од ваков вид“.
Во исто време, официјални лица во Истанбул соопштија дека полицијата извршила претрес во еден градски бар откако во брошура означена како „Атлантис“ се споменувала забава во тој локал. Кембел рече дека тој промотивен материјал не бил изработен ниту дистрибуиран од неговата компанија.
„Ова не е политичка организација. Не доаѓаме поради ништо друго освен да трошиме пари, убаво да си поминеме, да ги посетиме знаменитостите и со голема почит да се однесуваме кон секоја култура што ја посетуваме“, изјави Кембел.
Компанијата „Атлантис евентс“ во четвртокот ги извести патниците дека, „поради околности врз кои немала никакво влијание“, морала да го промени планот на патувањето и да ги откаже двете пристанувања во Турција, откако турските власти ги поништиле дозволите.






