Холандската влада не го поддржува продолжувањето на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Србија со отворање на Кластерот 3 поради состојбата во областа на владеењето на правото, потврдиле за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Хаг.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Холандија во изјава за РСЕ потсети дека Европскиот совет уште во заклучоците од 2024 година навел дека е клучно Србија да оствари значителен понатамошен напредок, меѓу другото, во областа на владеењето на правото.
„Оценката на холандската влада за Пакетот за проширување за 2025 година и натаму важи: отворањето на Кластерот 3 во овој момент не би било засновано на заслуги, имајќи ја предвид загриженоста во однос на владеењето на правото“, се наведува во одговорот на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Холандија.
Како што дознава РСЕ од дипломатски извори, најмалку пет земји-членки на Европската Унија не го поддржуваат отворањето на Кластерот 3. Покрај Холандија, која официјално го потврди овој став, меѓу земјите што се против се, меѓу другите, трите балтички држави и Шведска.
Причините за противењето главно се однесуваат на состојбата во областа на владеењето на правото, додека кај поединечни држави, како што било кажано за РСЕ, не може да се занемари ниту фактот дека Србија не воведе санкции кон Русија поради инвазијата врз Украина.
Невоведувањето санкции кон Русија беше првата причина поради која процесот на пристапните преговори на Србија со Европската Унија практично е блокиран од декември 2021 година. Во меѓувреме дојде до влошување на состојбата во областа на владеењето на правото, што е одразено во извештаите на Европската комисија.
Во последниот нон-пејпер за владеењето на правото, Европската комисија наведе дека Србија не остварила клучен напредок во областите на владеењето на правото, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, кои и натаму претставуваат главна пречка за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
ЕУ изразува сериозна загриженост поради засилениот политички притисок врз судството, изостанокот на резултати во процесуирањето на случаите на корупција на високо ниво, сè почестите напади врз новинари, како и поради влошувањето на изборната средина.
Кластерот 3 се однесува на конкурентноста и инклузивниот раст и опфаќа осум преговарачки поглавја. Европската комисија уште во 2021 година оцени дека се исполнети условите за негово отворање.
Како што РСЕ веќе извести, во европските институции се разгледуваат можности Србија во текот на јули да добие охрабрувачки политички сигнали, во момент што во Брисел се оценува како поволен за политиката на проширување. Таа иницијатива ја поддржуваат и поединечни земји-членки, вклучително и Франција.
Меѓутоа, за отворање или затворање на кластерите во пристапните преговори е неопходна согласност од сите земји-членки на Европската Унија.
Белград очекува одлука во текот на јули
Официјален Белград смета дека е крајно време Европската Унија да го одобри отворањето на Кластерот 3 во преговорите за членство на Србија.
Амбасадорот на Србија при Европската Унија и главен преговарач во преговорите за членство, Даниел Апостоловиќ, рече дека сака да верува дека земјите-членки ќе донесат одлука за отворање на овој кластер во текот на јули.
„Тоа би било важно не само за Србија, туку и за ЕУ. Според оценката на Европската комисија, ние за тоа бевме подготвени уште пред пет години. Затоа очекувам дека земјите-членки ќе останат доследни на принципот заснован на заслуги и ќе ја уважат препораката на Европската комисија, која петпати беше повторена во нејзините извештаи“, изјави Апостоловиќ за РСЕ.
Тој истакна дека властите во Белград сериозно работат на исполнување на реформските обврски. Наведе дека се завршени многу важни чекори, вклучително и усогласувањето на пакетот судски закони со препораките на Венециската комисија, исполнувањето на препораките на ОДИХР за унапредување на изборните услови, како и изборот на членови на Советот на РЕМ.
„Исклучително наивно“ е да се очекува Србија да ги исполни преземените обврски
Срѓан Мајсторовиќ од Центарот за европски политики смета дека очекувањето власта во Белград да ја примени суштината на преземените обврски од пристапните преговори е „исклучително наивно“. Потсетува дека Србија ги отвори Поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, пред речиси една деценија.
„Наместо, во согласност со преземените обврски, да ги унапредува стандардите во оваа област, реалноста во Србија, како и многуте независни извештаи на угледни меѓународни организации, го покажуваат токму спротивното“, изјави Мајсторовиќ за РСЕ.
Тој укажува дека слична состојба има и во поглавјата 25 и 26, кои се однесуваат на науката и образованието и кои беа привремено затворени уште пред десет години.
Поради притисоците врз универзитетите во текот на изминатата година и пол, предупредува, не е исклучено да дојде дури и до нивно повторно отворање.
Тоа, според него, би претставувало преседан во пристапните преговори, но и јасен показател за сериозно назадување предизвикано од потезите на власта.
„Имајќи го предвид сето ова, несериозно е да се размислува за отворањето на Кластерот 3 како своевидно чудотворно решение, особено ако се има предвид дека во него се наоѓа и областа на медиумите, кои во најголема мера се под контрола на режимот, и да се верува дека поради протоколарниот чин на отворање на Кластерот режимот ќе се согласи да се откаже од контролата врз која почива неговата моќ, покрај контролата на економските текови и безбедносниот апарат. Исто така, тешко е да се очекува дека отворањето на Поглавјето 19 во рамките на Кластерот 3 ќе доведе до откажување од механизмите за контрола на вработувањето во јавниот сектор, кои се користат за политички притисоци и уцени врз вработените за изборни цели“, оцени Мајсторовиќ.
Србија статусот кандидат за членство во ЕУ го доби во март 2012 година, а пристапните преговори формално беа отворени во јануари 2014 година. Од вкупно 35 преговарачки поглавја, отворени се 22, додека две се привремено затворени.
Од декември 2021 година Србија нема отворено ниту едно ново преговарачко поглавје. Некогаш сметана за предводник на европските интеграции во регионот, во меѓувреме ја загуби таа позиција поради невоведувањето санкции кон Русија, застојот во спроведувањето на реформите и недоволниот напредок во пристапните преговори.






