петок, 3 јули 2026

Муцунски: Економската дипломатија треба да отвора нови пазари и да ја зајакне конкурентноста на македонските компании

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека улогата на државата не е да го замени приватниот сектор, туку да создаде услови во кои претприемништвото, знаењето и капиталот ќе создаваат нова вредност. Тој се обрати на настанот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, организиран од Канцеларијата на Обединетите нации во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Објавено на

часот

Сподели

Муцунски истакна дека Министерството активно ја развива економската дипломатија како практична алатка за поддршка на македонските компании.

„Нашата дипломатска мрежа мора да биде насочена кон конкретни резултати: отворање нови пазари, привлекување инвестиции, промоција на извозот, поврзување на компаниите и навремено информирање за промените на глобалните пазари“, рече Муцунски.

Според него, во современата економија дипломатските односи треба сè повеќе да се претвораат во економски можности, а новите стандарди не треба да се гледаат како товар, туку како можност за модернизација, воведување нови технологии, зголемување на продуктивноста и освојување нови пазари.

Осврнувајќи се на глобалните предизвици, министерот посочи дека геополитичките и економските промени, нарушените синџири на снабдување, енергетската нестабилност и климатските предизвици создаваат нова деловна реалност.

„Прашањето повеќе не е дали ќе има промени. Прашањето е дали ќе бидеме подготвени тие промени да ги претвориме во наша конкурентска предност. Секоја криза носи ризици, но отвора и простор за нови идеи, нови пазари, нови технологии и нови деловни модели. Можноста ќе ја искористат оние компании и економии кои навреме ќе ги препознаат новите правила на играта“, изјави Муцунски.

Тој потсети дека Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, одржана во Севиља во 2025 година, испратила јасна порака дека глобалните развојни цели не можат да се постигнат без силен и активен приватен сектор.

„Компаниите се двигатели на иновациите, отворањето нови работни места и одржливиот економски раст. Затоа, денешниот форум е можност да разговараме како одржливоста да стане реална основа за повисока продуктивност, поголема конкурентност и посилен раст“, рече тој.

Муцунски нагласи дека европските пазари веќе поставуваат нови стандарди, поради што за македонските компании станува важно не само што произведуваат, туку и како го произведуваат тоа.

„Одговорното управување, енергетската ефикасност, транспарентноста, дигитализацијата и одржливите деловни практики стануваат предуслов за успех на европските и глобалните пазари. Како мала и отворена економија, силно интегрирана во европските синџири на вредност, овие промени веќе се дел од нашата деловна реалност. Владата презема конкретни чекори за создавање стабилна и предвидлива рамка за зелена и економска трансформација, со цел компаниите полесно да инвестираат, побрзо да воведуваат иновации и поуспешно да ја зајакнуваат својата конкурентност“, истакна министерот.

Тој оцени дека отпорна компанија не е само онаа што успешно ја преживува кризата, туку и онаа што од неа излегува посилна, подобро организирана и поконкурентна.

„Охрабрува фактот што сè повеќе македонски компании инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и современи модели на управување. Таквите инвестиции носат пониски трошоци, повисока продуктивност, поголема доверба кај инвеститорите и посилна пазарна позиција. Особено е важно оваа трансформација да биде достапна и за малите и средните претпријатија, кои се столб на македонската економија“, рече Муцунски.

Тој подвлече дека најголемиот ресурс на секоја компанија се луѓето и дека инвестициите во човечкиот капитал се инвестиции во долгорочната конкурентност на економијата.

„Отпорноста не се гради само со капитал и технологија. Таа се гради со знаење, лидерство, мотивирани тимови и култура на одговорност. Доколку оваа транзиција ја искористиме правилно, придобивките ќе значат повисока продуктивност, поквалитетни работни места, поголем извоз и подобро позиционирање на македонската економија во европските и глобалните синџири на вредност“, нагласи Муцунски.

На крајот од обраќањето тој оцени дека иднината ќе им припадне на компаниите што најбрзо се приспособуваат на промените и инвестираат во луѓе, знаење и технологија.

„Во време кога промените се побрзи од кога било, отпорноста не значи само способност да се издржи кризата. Таа значи способност да се учи, да се приспособува и да се расте. Само преку вистински јавно-приватен дијалог, предвидлива регулатива, ефикасни институции и силни партнерства можеме да создадеме деловно опкружување подготвено за идните предизвици. Најуспешни ќе бидат оние што навреме се подготвуваат за кризите. Токму така се градат отпорни компании и силна економија“, порача Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ