петок, 3 јули 2026

Швајцарски модел: Начинот на кој пишуваме на тастатура открива колку сме под стрес

Швајцарски модел открива како едно лице го доживува стресот врз основа на тоа како пишува на тастатура. Имено, истражувачи од Федералниот технолошки институт во Цирих развија модел за откривање стрес кај луѓето, и тоа врз основа на начинот на кој ги користат компјутерскиот глушец и тастатурата. Истражувачите велат дека овој модел би можел да помогне во спречувањето на појавата на стрес на работното место.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Се чини дека начинот на кој пишуваме на тастатурата и начинот на кој ракуваме со глувчето е подобар показател за тоа колку сме под стрес во канцелариска средина отколку нашите отчукувања на срцето“, вели авторката на студијата Мара Негелин, пренесува РТС.

Луѓето кои се под стрес почесто и помалку прецизно го поместуваат курсорот на глушецот, покажало истражувањето. Исто така, прават повеќе грешки при пишувањето на тастатура.

Истражувачите од Институтот го анализирале однесувањето на 90 учесници во студијата во лабораториски услови, кои извршувале канцелариски задачи како што се планирање состаноци или внесување и анализа на податоци. Тие го снимале нивното однесување, односно ракувањето со глушецот и пишувањето на тастатура, како и нивните отчукувања на срцето. Истражувачите, исто така, неколку пати во текот на експериментот ги прашаувале учесниците дали чувствуваат стрес и со каков интензитет.

Истражувачите моментално го тестираат својот модел споредувајќи ги податоците што ги добиле со податоците на швајцарските вработени кои се согласиле нивното однесување при користење на глувчето и тастатурата, како и податоците за работата на срцето, да бидат евидентирани на нивното работно место со помош на апликација. Користејќи ја истата апликација, вработените редовно се прашуваат за нивното субјективно ниво на стрес. Резултатите треба да бидат достапни до крајот на годината, според истражувачите од Цирих. Но, исто така се вели дека откривањето на стресот на работното место може да покрене и некои проблематични и важни прашања.

„Единствениот начин луѓето да го прифатат и користат нашиот метод е ако можеме да гарантираме дека ќе бидат анонимни и дека ќе ги заштитиме нивните податоци“, вели психологот Јасмин Кер, коавтор на извештајот. „Сакаме да им помогнеме на работниците рано да го идентификуваат стресот, а не да создадеме алатка за следење што ќе ја користат компаниите“, истакна Кер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ