Најголем број приведувања имало во Скопје, каде што полициски службеници лишиле од слобода седум лица – на возраст од 19 до 40 години. Кај нив биле пронајдени бела прашкаста и бела грутчеста материја, како и марихуана.
Во Тетово, по претрес извршен со судска наредба во домот на 41-годишен тетовец, била пронајдена марихуана, по што тој бил приведен и задржан во полициска станица.
Во Гостивар, при полициски преглед на 54-годишен жител на градот, била пронајдена бела грутчеста материја, по што и тој бил лишен од слобода.
Во Куманово биле приведени две лица. При претрес во домот на 29-годишен кумановец биле пронајдени бела прашкаста материја, црна тврда материја и таблети, додека кај 43-годишен жител на градот, при претрес во неговиот дом, била откриена марихуана.
Полициска акција била спроведена и во Крива Паланка, каде што при претрес во домот на 32-годишен жител била пронајдена марихуана.
Во Радовиш биле приведени три лица во два одделни случаи. Кај 42-годишен радовишанец при личен преглед била пронајдена бела прашкаста материја, а при претрес во неговиот дом и кокаин. Во друг случај, на регионалниот пат меѓу селата Дедино и Конче, полицијата запрела возило во кое биле затекнати две лица од Скопје, при што бил пронајден хашиш.
Во Битола биле приведени две лица, кај кои при полициски преглед биле пронајдени бела грутчеста и бела прашкаста материја.
Во Ресен, при претрес во домот на две лица, полицијата пронашла марихуана и дигитална вага со остатоци од марихуана.
Во Прилеп, при претрес во домот на 30-годишен прилепчанец, биле откриени марихуана, бела прашкаста материја и дигитална вага.
Во Кичево, пак, при контрола во сообраќајот било запрено возило со струшки регистарски ознаки во кое се превезувале три лица. По извршените проверки, кај едно од нив била пронајдена бела прашкаста материја, по што биле преземени законски мерки.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави против приведените лица.






