петок, 3 јули 2026

Рокас: Навистина гледам забрзување на реформите

Ервоамбасадорот Михалис Рокас денеска изјави дека гледа забрзување на реформите во земјата во сите 51 реформски чекор, а во грејс-периодот работат заедно со Владата и од 10, ќе бидат исполнети девет и пол. За Изборниот законик, Рокас смета дека законот во основа е добар и оти се надева дека партиите ќе постигнат консензус.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сме фокусирани на 10-те чекори што беа во грејс-периодот и кои истекуваа на 30 јуни. И на овие 10 чекори мора да кажам дека навистина внимателно работевме, непосредно со Владата, со цел да ги исполниме. Убеден сум дека поголемиот дел од работата е завршен и дека ќе имаме извонредни резултати. Како што знаете, тие ќе бидат доставени во следните 10 дена до Европската комисија на една последна процена и крајната одлука се носи некаде во септември, но ова е навистина добар успех. Меѓутоа, во исто време ја имавме и оваа редовна вежба, која заврши на 30 јуни оваа година, и тука почнува тој грејс-период од една година. И со тоа имаме добар напредок, но она што е важно е дека во сите 51 чекор има напредок. Јас сум навистина сигурен дека гледам забрзување во реформите, меѓутоа во секој случај треба да ги почекаме последните резултати и процената на Европската комисија по летниот распуст “, рече Рокас, кој денеска беше на промоција на нова воена опрема во касарната „Илинден“.

За тоа дали 10-те реформски чекори ќе бидат исполнети, Рокас вели дека тоа ќе биде процена и оти работат заедно со Владата „со цел да постигнеме девет, девет и пол“. – Во секој случај убеден сум дека ќе имаме добри резултати, но мора да разберете дека процената, всушност, се прави од Европската комисија – рече евроамбасадорот.

За Изборниот законик рече дека има дискусии со политичките партии, кои се одвиваат во моментот, но оти е потребно да се постигне консензус.

„Законот сам по себе е добар закон. ОДИХР и Европската комисија дадоа позитивна процена и оценка, но она што преостана во моментот се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувања кога станува збор за овие моделитети, но чувствувам дека има добра волја тоа да се надмине. И Комисијата во парламентот за Изборниот законик веќе работи и се надевам дека партиите на толку важна работа ќе бидат во можност да седнат и да постигнат консензус кога станува збор за ова сензитивно прашање. Меѓутоа, основите на законот и законот сам по себе се навистина добри,“ рече евроамбасадорот Рокас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ