Обраќајќи се на панел-дискусијата „Институционална и правна рамка што поддржува одржливи корпоративни практики“, Божиновска истакна дека компаниите кои денес инвестираат во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и нови технологии, утре ќе бидат поконкурентни на странските пазари.
„Пред само неколку години на зелената транзиција се гледаше како на дополнителен трошок, а денес е најдобрата инвестиција што една компанија може да ја направи. Компаниите што вложуваат во енергетска ефикасност, обновливи извори и нови технологии ќе бидат компаниите што ќе извезуваат повеќе, ќе привлекуваат повеќе инвестиции и ќе отвораат нови работни места“, рече Божиновска.
Таа нагласи дека Министерството ја гради зелената транзиција како основа за економски раст преку стабилна, транспарентна и со европските правила усогласена регулатива, која ќе им овозможи на компаниите сигурно да инвестираат и долгорочно да ги планираат своите проекти.
„Нашата задача е да создадеме услови во кои зелената транзиција нема да биде товар за стопанството, туку негова најголема развојна можност. Затоа носиме модерни закони, ја поедноставуваме регулативата и обезбедуваме конкретна финансиска поддршка за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“, истакна министерката.
Божиновска потсети дека новиот Закон за енергетика веќе воспоставува современа рамка усогласена со европското законодавство, додека Законот за обновливи извори на енергија го оцени како една од најзначајните енергетски реформи во последните децении.
Говорејќи за развојот на обновливите извори на енергија, министерката најави воспоставување транспарентен систем за планирање на инвестициите во електроенергетската мрежа, со јасни правила што ќе обезбедат сигурност и за системот и за инвеститорите.
„Сакаме компаниите да бидат активни учесници во новата енергетска економија, а не само потрошувачи. Нашата цел е секој што инвестира во сопствено производство на енергија, складирање и модерни технологии да стане дел од енергетската трансформација на државата“, порача Божиновска.
Таа додаде дека Министерството паралелно работи на модернизација на електроенергетската инфраструктура, дигитализација на системот и поедноставување на административните процедури, со цел побрза интеграција на новите производствени капацитети.
На крајот од обраќањето, Божиновска истакна дека намалувањето на емисиите, енергетската ефикасност и декарбонизацијата не треба да се гледаат само како исполнување на европските стандарди, туку како најпаметна деловна одлука за секоја компанија што сака долгорочно да остане конкурентна.
„Министерството ќе продолжи да биде силен партнер на стопанството во овој процес“, порача министерката.
Бизнис-форумот беше организиран од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стопанската комора и Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации.






