петок, 3 јули 2026

Собраниска битка за ребалансот на буџетот, власта зборува за развој, опозицијата за нови долгови и буџетска дупка

Собраниската Комисија за финансирање и буџет утре претпладне ќе ја продолжи расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање, за кој се поднесени над 200 амандмани.

Објавено на

часот

Сподели

По образложението на ребалансот од страна на ресорната министерка Гордана Димитриеска Кочоска, во попладевното продолжение на седницата опозициските пратеници оценија дека со ребалансот не се адресираат клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, додека пратениците од власта посочија дека промените на буџетската каса овозможуваат дополнително зајакнување на економските состојби, прилагодување на реалните економски движења, реализација на развојни проекти.

Сања Лукаревска, претседателка на Комисијата и пратеничка од СДСМ, рече дека  ребалансот не ги адресира клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, особено во делот на животниот стандард и инфлацијата.

„Не се решава проблемот туку се префрла во иднина со нови задолжувања“, рече Лукаревска, додавајќи дека „ребалансот не нуди одговор на животниот стандард, инфлацијата ја јаде платата, а буџетот ја шири потрошувачката“.

Таа нагласи дека во документот недостигаат конкретни мерки за намалување на инфлацијата, а упати забалешки и на состојбите во пензискиот систем.

„Не е доволно да се зборува за милијарди денари дефицити и класификации, треба да се каже што точно тоа значи за семејниот буџет“, истакна Лукаревска.

Според неа, поддршката за инвестиции не смее да биде оправдување за недоволна транспарентност.

„Она што го зборувам е тоа што сум за поддршка и за вистински инвестиции, но не и за нетранспарентна буџетска дупка претставена како развој“, рече Лукаревска.

Од друга страна, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски оцени дека ребалансот не претставува промена на економската насока, туку нејзино дополнително зајакнување.

„Не расправаме само за бројка плус или бројка минус. Расправаме за Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година, документ кој покажува како државата се прилагодува на реалните економски движења“, рече Стојаноски.

Според Стојаноски, ребалансот е насочен кон реализација на проекти со развоен ефект.

„Овој ребаланс е документ за реализирање на проекти и позадоволни граѓани. Овој Ребаланс не е документ на паника. Не е документ кој ја менува економската насока“, истакна тој.

Посочи дека со ребалансот капиталните инвестиции се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, а развојните потпрограми за над 4,2 милијарди денари.

„Кога капиталните расходи растат за 5,8 милијарди денари, кога развојните потпрограми растат за 4,2 милијарди денари, тогаш не зборуваме за празна потрошувачка. Зборуваме за патишта, железница, општини, водоводи, канализации, пречистителни станици, здравствени установи, училишта, студентски домови, спортски објекти и животна средина“, рече Стојаноски.

Нагласи дека економските показатели покажуваат раст на приходите и подобра реализација на капиталните расходи.

„Ова не се бројки на економија што стои. Ова се бројки на економија што работи“, рече Стојаноски, додавајќи дека капиталните расходи во првите пет месеци од годинава се повисоки за 44,8 проценти во однос на истиот период лани.

Претходно  во претпладневниот дел од расправата, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, истакна дека ребалансот на буџетот за 2026 година не произлегува од недостигот на приходи или од нарушена ликвидност на буџетот.

„Резултат е на потребата да се усогласат буџетските проекции со новите економски услови, да се обезбедат дополнителни средства за законските обврски што значат редовна исплата на платите во секторите во кои е обезбеден раст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и за општините, како и дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус“, рече Димитриеска-Кочоска на денешниот прв ден од амандманската расправа за ребалансот на буџетот.

Со предложениот ребаланс на буџетот вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за речиси два милијарди денари, а донациите бележат пораст од речиси 2,7 милијарди денари.

На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарда денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард…

Министерката посочи дека определбата за фискална дисциплина е отсликана во овие предложени измени и оти со ребалансот кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од приближно 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби, а од друга страна, особено значење се придава на развојната компоненета и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемуваат за приближно 5,8 милијарди денари или 14,5  проценти раст во однос на иницијалниот буџет.

„Првпат корекцијата на дефицитот е резултат, пред сè, на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, односно зборуваме за дефицит што ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување за 0,6-процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1  проценти од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните, што ќе остане принцип на работа на оваа Влада“, потенцира Димитриеска-Кочоска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ