Иако со тешкотии ги разбрав стиховите, моќната изведба, сценографија и глас, заедно со сликите на публиката која буквално стои како на химна, со сериозни лица и солзи кои сами паѓаат, ме наежуваат. Како кога слушам некои стари револуционерни и партизански песни. Неодамна нејзините звуци ги чув на музичкиот концерт во Филхармонијата по повод свеченото одбележување на Денот на победата во организација на амбасадата на Руската Федерација. Се свртев и во преполната камерна сала ја забележав истата сцена; веројатно оние што беа од руско потекло реагираа на идентичен начин. Сега љубопитноста порасна, па веднаш штом се вратив дома, почнав да барам повеќе информации и за песната и за авторот. Ми стана сосема јасно: ова е повеќе од популарна песна.
Прочитав дека песната била напишана околу Новата година, а првпат изведена на 23 февруари 2022, само еден ден пред почетокот на специјалната воена операција. Дали ова била намерна „сигнализација“? Можеби. Најверојатно. Но, дури и да е така, таа го допрела колективниот нерв на историскиот миг (инаку не би го имала ова молскавично и моќно влијание). Денес на Јутјуб можете да најдете нејзини изведби од разни изведувачи, од групни до детски, но неверојатно трогателни во сериозноста на изведбата. Не можете да го промашите впечатокот дека станува збор за разговор за минатото, со оние кои ги нема, ама и разговор за сегашноста. Ова е препев на колективно чувство дека Западот, преку НАТО експанзијата и милитаризацијата на Украина, ја доведе Русија до ѕидот. Музичкиот сигнал вели: и сега и во иднина ќе треба да знаеме да „се издигнеме“ во одбрана на својата сувереност.
Наједноставно, но и најповршно би било да се каже дека е ова културен/уметнички производ во политичка цел. Сепак, ниту еден пропаганден трик не би имал ваков силен и брз ефект доколку не би постоел стварен контекст во кој зборовите и музиката се препознаваат по инстинкт. Песната како „пожар“ е проширена низ целата руска јавност без разлика на ставот кон Путин или војната со Украина. Всушност, стиховите се однесуваат на Татковинската војна, на 27-те милиони жртви кои СССР ги даде за победата над германскиот нацизам, на почитта кон жртвата за татковината. Сценографијата што ја следи јавната изведена неретко е збогатена со ликовите или имињата на паднатите од пред 81 година; статистиката вели дека секој шести граѓанин на денешна Русија изгубил свој близок од семејството во таа голема војна. Тоа не се заборава ниту на персонално ниво; или најмалку, на персонално ниво.
Со наши зборови, тоа е руската „Заветна“. Во неа се вели: Станавме кога требаше, дадовме жртви за кои во срцата ни отчукува „вечнаја памјат“, им благодариме за слободата, ама ако затреба пак ќе станеме. Песната функционира на нивото на меморијата од Втората светска војна, најголемата жртва на еден народ, како морален компас и како предуслов за одбрана. Таа покажува дека меморијата не е пасивна. Песната не е исполнета со празни метафори; таа е асоцијација на рускиот концепт на „Бессмертный полк“ (Бессмртниот полк), во кој мртвите маршираат со живите. Кога се вели „правда за нами“ се мисли „Вистината е на наша страна“ (во руската културна и православна традиција, „правда“ значи и „вистина“ и „праведност“). Понатаму, песната порачува: ние не бараме војна, но ако е нужно, ќе знаеме зошто се бориме (за егзистенцијална одбрана). Стиховите „ќе се издигнеме / И поблиску до нив (паднатите) ќе застанеме“, сугерираат дека жртвата на предците не смее да биде залудна. За разлика од империјалните маршеви, „Встанем” е интроспективна, скоро молитвена. Таа не слави моќ, туку одговорност кон оние кои ги дале животите во борбата против злото.
Ова не е поетска и вербална анализа, туку реал-политичка анализа преточена во стихови: ширењето на НАТО и особено приближувањето на 300 км. до Москва претставуваше егзистенцијална закана. Се разбира, доколку британскиот премиер Борис Џонсон (а сега и неговите наследници) не ги саботираа мировните преговори од март 2022, денес немаше да се случува овој ужас. Путин им се обрати на западните лидери уште во 2007 година на Минхенската конференција; тие кусогледи и празни глави отворено и триумфалистички му се потсмеваа. Потоа, во својот познат стил лажираа „мировни договори“ во Минск, иако војната веќе реално траеше од 2014 година.
Можеби звучи претерано, бидејќи Путинова Русија не е левичарски предел или модел, но секој што отворено и критички гледа кон неподносливата ароганција и хегемонија на Вашингтон и Брисел, оваа песна може да ја доживее и како „антиимперијалистички крик“. Впрочем, како и отпорот на Иранците. Одбрана на правото да се живее, право на различен пат, за право да не те газат додека те „учат на демократија“. И право на сеќавање. (Маршалот Жуков бил толку во право кога рекол дека Западот никогаш нема да им ја прости на советите победата над фашизмот, фактот дека им влегоа во Берлин.)
Една руска поговорка вели „Кога се сеќаваш — живееш. Кога забораваш — умираш двапати“. А „Встанем“ е токму тоа: лек против заборавот. И предупредување: не нè тестирајте!
Текстот го пишувам на ден до големата прослава на Денот на победата над фашизмот. Иако е тешко да се прогнозира што може да се случи ако се остварат заканите на Зеленски и каков би бил одговорот од Кремљ, веќе е јасно дека атмосферата станува сè помачна и помалку свечена. Познавачите веќе зборуваат за зголемено незадоволство и притисок однатре. Поточно, растат критиките кон лидерот кој некои го нарекуваат „кукавица“, па и полошо (како што вели Гилберт Докторов). Бојното поле (кое е огромно) е стандардно под контрола на Русија, но некои кругови губат нерви и бараат порешителен одговор на провокациите, па дури може да се рече и понижувањата кои ги доживува Москва од украинските сили (им го потопија најелитниот воен брод уште одамна, им допреа до нуклеарните постројки, Москва и Кремљ се често под закана од дронови, атентати, уништување на нафтени капацитети, има и цивилни жртви, итн.). Путин сè уште изгледа смирено, па дури и одржува некакво влијание врз Трамп во намера да одржи некаков баланс врз експлозивната ситуација во Иран која би можела да биде многу поопасна за светскиот мир од украинската криза.
Но, самиот факт дека дури и симболичните паради на прославата се веќе под закана и ќе се бранат дури и по цена на напад врз Киев, зборува дека нештата не одат како што би посакувала руската страна. Не треба да сте хардлајнер или „јастреб“ за да прашате: како е можно Тел Авив да врши геноцид (преку 1.000 дена), Вашингтон да го уништува Техеран заедно со државното водство (за Венецуела и да не говорам), а Путин да не се осмелува да допре ни до Мајдан? Зошто Русија не ја примени својата воена моќ ако веќе тргнала да војува? Дали е во прашање нерешителност, погрешна воена или политичка проценка од стартот, немање стратегиска перспектива, воена слабост, или нешто друго? Тоа се здраворазумски прашања.
Пред воопшто и да се почне да се одговара, потребно е да се повторат оние факти, коишто низа врвни познавачи (почнувајќи од Џефри Сакс и Џон Мершајмер) со години ги „верглаат“: војната не почна во февруари 2022, туку осум години претходно. Светот мижеше пред ужасните злосторства на украинските сили врз сопственото население од руско потекло; мижи и сега пред Газа. Поважно им беше воспоставување на профашистички режим во Киев, кој не беше ни про-ЕУ или прозападен, туку имаше улога во империјалната шема на Господарот на хаосот. Несреќата на украинскиот народ почна со огромниот прилив на пари во НВО секторот, обоената револуција и сендвичите на Викторија Нуланд. Тие веќе беа однапред жртвувани, како потрошни животи за глобалните империјални цели на Западот. Сега уште повеќе… доволен е поглед на непрегледните гробишта со украински знамиња, млади луѓе кои ги дале животите за империјални туѓи цели. Слични има и низ Русија, иако не ги гледаме.
На геополитички план стана јасно дека Москва ќе мора да одговори; впрочем, тоа беше и целта! Да се испровоцира дотогаш кооперативниот и пријателски настроен Путин за да се добие повод за отворениот глобален марш на НАТО и САД. И ене ги сега, двата словенски братски народи, како се нашле во кошмарен клинч од кој немаат излез. Два народа кои пред 81 година заедно ги победија Германците. Излез секако има, ама на Западот не му одговара. Накусо, Русија не војува со Украина, таа војува со НАТО! Не е Зеленски некој воен стратег или јунак (каква будалетинка стана „херој“!!), тој е платеник на западното воено лоби. Оттука, морам да го признаам отуството на целосна емпатија со украинскиот народ, на кој гледам како на пион, слично како и на македонскиот (кого исто го сожалувам). Единствена разлика е што ние сме премали, не се граничиме со Русија, и сме многу послушни. Ние никогаш не би станале против западот, каква жртва и да побара.
Веројатно Русите требаа и можеа да одиграат поинаку (уште пред 2022), но нивната прогноза останува суштински точна. Во светот се случува повампирување на фашизмот и милитаризмот. Тоа се гледа од препородувањето на духот на јапонскиот империјализам и милитаризам на Далечниот Исток, до отворениот воен повик на германскиот Рајх и канцелар, до збудалената Европа (која веќе не знае кои ѝ се вредностите, ама знае да прави пропаганда и приеми на кои „нашине“ се топат од среќа пред некој европски амбасадор). Има и по некоја светла точка, како шпанскиот премиер Санчез, како Ирска и Словенија. Дури и Мелони во Италија почнува да сфаќа дека фашизмот може да е „секси“ за политичка победа, но не и за чекорење кон нова европска или светска војна. Трамп е новиот Хитлер. Тоа е единствената нова варијабла, САД нов актер во новата оска на фашизмот.
Си потпевнувам ВСТАНЕМ, со надеж дека пораката ќе стаса и дека сè повеќе народи ќе сфатат дека опасноста е веќе на нашите прагови. Иран верувам дека има своја песна. Кина исто така. Но, имаме ли ние наша?
Билјана Ванковска










