Привремените резултати од локалните избори во Обединетото Кралство, објавени додека поголем дел гласови сѐ уште не се изброени, покажуваат дека Реформ УК на ниво на Англија има 1.031 советник, ги пренесува Би-би-си резултатите за 98 од вкупно 136 совети. Либералните демократи засега имаат 670 советници, лабуристите 652, а некогаш владејачката Конзервативна партија 586.
Зелените имаат 330 советници, додека независните кандидати освоија 114 мандати.
Првите резултати укажуваат на продолжување на распадот на традиционалниот британски двопартиски систем, предводен од лабуристите и конзервативците, во повеќепартиска демократија. Аналитичарите тоа го опишуваат како една од најголемите трансформации во британската политика во последните сто години, при што лојалноста на гласачите станува пофлуидна и водена од проблемите, а не од партиите.
Најголем политички капитал од таквото прегрупирање на политичката сцена засега извлекува Најџел Фараж. Уште минатата година едно истражување на Југов покажа дека сѐ поголем број Британци го гледаат Фараж како можен иден премиер на Обединетото Кралство.
Истражувањето, спроведено врз примерок од 13.000 испитаници, предвидува дека партијата Реформ УК би освоила 311 од 650 места доколку тогаш се одржеле парламентарни избори. За формално мнозинство се потребни 326 места, но во практика би било речиси невозможно кој било друг освен Фараж да обезбеди доволна поддршка од пратениците.
„Реформ УК ги уништува лабуристите во многу од нивните најтрадиционални области, а она што подоцна денес ќе го видите е дека Конзервативната партија ќе биде збришана во своите традиционални упоришта“, им рече утрово насмеаниот Фараж на новинарите.
„Ова повеќе не може да биде случајност ниту протестен глас“, додаде тој. „Искрено верувам дека сте сведоци на историски пресврт во британската политика. Реформ сега е најнационалната од сите партии.“
Фараж, инаку со години близок до американскиот претседател Доналд Трамп, во почетокот на 1990-тите ја напушти Конзервативната партија поради противењето на европските интеграции и Мастришкиот договор, а потоа учествуваше во основањето на евроскептичната УКИП. Од 1999 до 2020 година беше пратеник во Европскиот парламент, каде што стекна национална препознатливост со остри напади врз Европската Унија и британскиот политички естаблишмент.

Како долгогодишен лидер на УКИП одигра клучна улога во кампањата за брегзит во 2016 година, по која Велика Британија со референдумска одлука излезе од Европската Унија. Неколку години подоцна ја основа Брегзит партијата, претходничка на денешната Реформ УК.
Реформ УК се смета за антимигрантска партија. Познат е случајот на Иан Грибин, член на партијата, кој тврдеше дека земјата ќе била „далеку подобра“ доколку „ја прифатела понудата на Хитлер за неутралност“, наместо да се бори против нацистите во Втората светска војна.
Но како е можно Фараж денес политички да јакне иако анкетите покажуваат дека брегзит е сѐ понепопуларен меѓу Британците?
Иако брегзит во голема мера беше воден од ветувања за намалување на миграцијата и враќање на контролата врз границите, бројот на мигрантите во Обединетото Кралство по излегувањето од Европската Унија достигна рекордни нивоа. Велика Британија последниве години се соочува со стагнација на економијата и долготрајна криза на животниот стандард, а предупредувањата дека брегзит ќе ја направи земјата посиромашна се покажаа точни, наведува Економист.
Поради тоа, меѓу другото, во Велика Британија последниве години сѐ почесто се користи изразот „брегрет“, спој од зборовите брегзит и жалење (regret). Со него се опишуваат растечкиот број Британци што сметаат дека излегувањето од Европската Унија било грешка. Според истражување на Југов од април 2025 година, 55 проценти од Британците би поддржале враќање на Обединетото Кралство во Европската Унија, додека 33 проценти од испитаниците се против тоа.
Според истражувањето на организацијата Бест фор Бритен, пренесува Гардијан, поддршката за повторно приклучување кон Европската Унија меѓу британските гласачи расте, при што таа опција ја поддржуваат повеќе од половина од испитаниците. Истражувањето покажува и дека повеќе од 80 проценти од поддржувачите на Лабуристичката партија, Либералните демократи и Зелените сакаат целосно враќање во Европската Унија, а не само на единствениот пазар.
Но и покрај растечкиот „брегрет“, архитектот на брегзит, Фараж, политички јакне. Дел од причината лежи во тоа што многу гласачи и понатаму сметаат дека брегзит бил добра идеја, но дека британските политички елити лошо го спровеле. И самиот Фараж последниве години тврди дека проблемот не бил излегувањето од Европската Унија, туку политиките што следувале потоа и кои ги изневериле гласачите.
„Постојат повеќе причини за растот на Реформ УК. Разочараноста од бавните промени под лабуристите и од одредени политики на Кир Стармер, постепениот распад на Конзервативната партија, како и способноста на Фараж на дел од гласачите да им се претстави како еден од нив.
Дел од успехот произлегува и од политички многу ефикасната, иако за многумина одбивна кампања на Фараж. Притоа, Фараж речиси повеќе и не зборува за брегзит, кој некогаш го нарекуваше свое животно дело, ниту покажува посебен интерес за наводниот напад врз слободите донесени со брегзит, туку стравот од миграцијата го постави во самиот центар на својата политичка стратегија“, наведува Стив Англси, уредник на списанието Њу ворлд.
Еден од даровите на Фараж како политичар е тоа што знае што не мора да каже. Додека други десничарски популисти, во Европа и на други места, се заплеткуваат во разговори за расата, религијата или теоријата за замена, јазикот на Фараж секогаш е внимателен и погоден за пријатен разговор, пишува Њујоркер.
Модерн дипломаси пишува дека пораката на партијата, насочена кон контрола на миграцијата, економските фрустрации и антиелитистичките чувства, одекнува кај гласачите што се чувствуваат отуѓени и од лабуристите и од конзервативците.
Економските проблеми, особено оние поврзани со инфлацијата, трошоците за домување и функционирањето на јавните услуги, остануваат клучни прашања за многу гласачи, а во некои региони долгогодишните индустриски заедници сметаат дека главните партии не успеале да го решат проблемот со локалниот економски пад и несигурноста на работните места.
Се чини дека токму затоа Реформ УК особено успешно се позиционираше како алтернатива за гласачите разочарани од двете главни партии, особено во областите што претходно беа дел од традиционалната база на лабуристите.
„Луѓето чувствуваат дека старите партии масовно ги изневериле“, изјави Роберт Џенрик, министер во претходната конзервативна влада, за новинската агенција Франс прес.
„Миграцијата е превисока, даноците се превисоки. Изгледа дека ништо не функционира, од дупките на улиците до листите на чекање во Националната здравствена служба, а граѓаните доаѓаат во Реформ поради вистинска промена“, објасни тој.
Иако многу Британци денес сметаат дека брегзит не го донел ветениот економски процут, Фараж успеа да ги преживее политичките последици од излегувањето од Европската Унија бидејќи и понатаму се претставува како глас на гласачите што веруваат дека политичкиот естаблишмент ги изневерил.
За дел од граѓаните, Фараж така повеќе очигледно не е само архитект на брегзит, туку симбол на отпор кон елитите и некој преку кого можат да го артикулираат поширокото незадоволство од економската состојба, високите трошоци за живот и миграцијата.






