Во повикот за собир поставен на зградата на градското собрание во местото Кохута е наведено дека на состанокот ќе се разгледува и барање за „итна оставка“ на градоначалникот.
Оваа недела во Кохута, гратче со околу 930 жители, се појави известување дека полициската единица е распуштена „со одлука на градоначалникот Рон Шиник“ и дека луѓето на кои им е потребна помош можат да се јават на окружниот број за интервенции што не се итни.
Десетина локални полицајци и нивниот началник добиле отказ во средата наутро. Причините не се објавени, а жителите на Кохута се надеваат дека ќе ги дознаат вечерва.
Шиник изјави дека се одлучил за отпуштањата поради одредени коментари што полицајците ги оставале на социјалните мрежи.
Сега веќе поранешниот полициски наредник Џереми Меј вели дека на градоначалникот му пречеле поплаките од него и неговите колеги за сопругата на градоначалникот, Пам Шиник, која е главен градски службеник во Кохута.
„Сето ова произлегува од личната одмаздољубивост на градоначалникот, и во тоа верувам со сето срце. Се залагавме за транспарентност и како резултат — сите ги изгубија работните места“, изјави Меј за локалната телевизија ВРБЦ.
Сега веќе поранешниот началник на полицијата Грег Фаулер за истата телевизија изјави дека не може да даде подетални коментари бидејќи полицајците ги расчистуваат работите од полициската зграда и ја изнесуваат опремата.
Градоначалникот Шиник изјави за телевизијата дека не е сигурен што ќе се случува понатаму, а засега не одговара на прашањата од Асошиејтед прес.
Бидејќи во гратчето сега нема полиција, Кохута ќе добива помош од канцеларијата на шерифот на округот Вајтфилд.
Кохута се наоѓа на околу 161 километар северозападно од Атланта, блиску до границата меѓу Џорџија и Тенеси во САД.






