„Голем број европски земји во моментов дебатираат за воведување данок на дигитални услуги на американските компании“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушал. „Некои од тие земји се навистина блиску до тоа“, додаде тој.
„Нека ова соопштение послужи како најава дека секоја земја што ќе воведе таков данок веднаш ќе се соочи со 100-отстотни царини за сите стоки испратени во Соединетите Американски Држави“. Трамп кажа дека новите царини ќе го заменат секој трговски договор со САД „без разлика дали е имплементиран, потпишан или не“.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела, неколку часа пред средбата со Трамп на самитот на Г7, изјави дека Франција нема да се повлече под притисокот од американскиот претседател и да се откаже од својот дигитален данок за американските технолошки гиганти.
Пред да замине на самитот во Франција, Трамп предупреди дека САД „нема да имаат избор“ и ќе мора да воведат 100-отстотни царини за француските вина ако Париз не го укине својот дигитален данок.
Од 2019 година Франција наплаќа надомест во износ од три проценти од приходите генерирани од дигитални услуги од компании со приходи од над 25 милиони евра во земјата, или 750 милиони евра низ целиот свет.
Новиот притисок на Трамп дојде откако земјите членки на Европската Унија формално го одобрија трговскиот договор со САД постигнат минатата година, со кој се ограничуваат царините за европскиот увоз на 15 проценти, пишува Франс прес.






