Извештајот, за кој се анализирани повеќе од 700 криминални мрежи со повеќе од 400.000 членови од 188 земји, покажува дека 85 проценти од криминалните мрежи користат легални бизнис структури, што укажува на обемот, досегот и сè помеѓународната природа на заканата.
Активностите на овие мрежи опфаќаат широк спектар на сериозни кривични дела, вклучувајќи трговија со дрога, сајберкриминал, шверц со мигранти, трговија со луѓе, измама и перење пари, „криминал како услуга“.
Се укажува дека криминалците сè повеќе ја злоупотребуваат дигиталната технологија, глобалните трговски текови и легалните деловни структури за да ги поттикнат и прошират своите криминални активности.
„Тие повеќе не дејствуваат изолирано, туку се дел од флуидни криминални екосистеми кои брзо се прилагодуваат на нарушувањата, пополнуваат празнини и ги искористуваат новите можности за криминал“, се предупредува во извештајот.
Европската комисија нагласи дека спроведувањето на законот низ цела ЕУ мора да биде подеднакво агилно за да ги спречи заканите.
Извештајот на Европол потврди дека напорите за спроведување на законот повеќе не треба да бидат фокусирани на таргетирање на поединечни актери, туку на справување со системите и слабостите што ги искористува организираниот криминал, соопшти Комисијата.
За да одговори на новите и променливи предизвици, Комисијата подготви предлог за зајакнување на мандатот на Европол со цел да им обезбеди на таа организација и на членките на ЕУ алатки, ресурси и правна рамка потребни за истражување на сè повеќе дигитални, прекугранични и технолошки напредни криминални активности.
Предлогот ги исполнува политичките насоки на шефицата на Комисијата Урсула фон дер Лаен и стратегијата за внатрешна безбедност на Унијата ПротектЕУ.






