Зборувајќи по италијанско-францускиот самит, Мелони кажа дека Руте, во својот „многу ентузијастички извештај“, измешал различни прашања и природата на летовите одобрени од Италија.
Руте претходно оваа недела предизвика контроверзии во Рим за време на интервју за Фокс њуз, во кое кажа дека 500 американски воени авиони полетале од базите во Италија во поддршка на операцијата „Епски гнев“, името што Вашингтон го даде на својата воена агресија врз Иран.
Министерството за одбрана на Италија возврати, велејќи дека се одобрени само „технички и логистички“ активности, а не борбени операции. Портпаролката на НАТО подоцна разјасни дека Руте мислел на логистичката и техничката поддршка што ја обезбедуваат сојузниците како што е Италија.
Мелони, зборувајќи на прес-конференција во Антиб во Франција, вчера го повтори тој став.
„Доколку бевме вклучени во конфликтот во Иран, тогаш – со сето должно почитување – ќе беше тешко да се разбере разочарувањето што американскиот претседател постојано го изразува“, кажа таа, мислејќи на честите поплаки на претседателот Доналд Трамп дека европските сојузници не понудиле доволна поддршка.
Руте се сретна со Трамп во Белата куќа во средата, додека се обидува да ги смири односите со администрацијата пред самитот на НАТО следниот месец во турската престолнина Анкара.






