На настанот учествуваа претставници од Владата, бизнис заедницата, институциите, академската сфера и граѓанскиот сектор, кои порачаа дека корупцијата не може да се надмине исклучиво преку институционално делување, туку бара широка општествена координација и партнерство.
Во фокусот на дискусиите беше ставена јавно-приватната соработка, која беше оценета како најефикасен механизам за справување со корупцијата, како и дигитализацијата на јавните услуги, која значително ги намалува ризиците од злоупотреби и ја зголемува транспарентноста.
Учесниците посочија дека интегритетот повеќе не треба да се гледа само како регулаторна обврска, туку како клучен фактор за економски раст, зголемена конкурентност и привлекување инвестиции, особено во контекст на европската интеграција на земјата.
Посебен акцент беше ставен и на јавните набавки, заштитата на укажувачите, корпоративните системи за усогласеност и примената на меѓународни стандарди како ISO 37001, кои се сметаат за важни алатки во спречувањето на корупцијата.
Според заклучоците од Форумот, корупцијата не претставува само институционален проблем, туку и економски и општествен предизвик кој влијае врз инвестициите, конкуренцијата и довербата во системот, а како една од последиците се наведува и иселувањето на младите.
Учесниците се согласија дека зајакнувањето на транспарентноста, дигиталната трансформација, подобрата институционална координација и едукацијата за интегритет се клучни насоки за идни реформи, со цел создавање поотпорен и поконкурентен економски систем.






