петок, 26 јуни 2026

Новиот логистички центар на Лидл Куманово, пример за современа германска инвестиција и одржлив развој

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, го посети новиот логистички центар на Лидл во Куманово, една од најголемите и најсовремени инвестиции од ваков тип во земјата и регионот, во вредност од 115 милиони евра. За време на посетата, амбасадорката се запозна со капацитетите на објектот, одржливите стандарди и практики применети во неговата изградба, како и со софистицираните логистички процеси и современите технологии кои ќе овозможат ефикасно складирање и снабдување на идната продажна мрежа на Лидл во државата, соопштија од компанијата.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од компанијата, посетата била можност да се претстави напредокот на сите тековни инвестиции на Лидл во земјата и долгорочната определба на компанијата за развој на македонскиот пазар. На средбата било истакнато значењето на логистичкиот центар како клучен инфраструктурен објект кој ќе придонесе за понатамошен економски развој, отворање нови работни места и унапредување на современите стандарди во секторот на трговија и логистика.

Објектот е изграден според највисоки стандарди за енергетска ефикасност, безбедност и заштита на животната средина, преку примена на современи зелени технологии и решенија за намалување на потрошувачката на енергија и јаглеродните емисии. Во неговата реализација учествуваа повеќе од 75 локални македонски компании, што претставува значаен придонес кон домашната економија и локалната бизнис-заедница.

За време на посетата, амбасадорката направила обиколка на различните сектори во логистичкиот центар, вклучувајќи ги зоните за складирање и контрола на квалитетот на свежите производи, како и системите за управување со отпад и рециклирање. Беше презентиран и иновативниот пристап на Lidl кон одржливото работење, енергетската ефикасност и создавањето современа и пријатна работна средина за вработените.

„Овој логистички центар е многу повеќе од само складишен објект; тој е темел на нашата долгорочна посветеност на македонскиот пазар. Со силен фокус на оптимизирани процеси, овој центар навистина го претставува нашиот модел на дискаунтер – каде што секоја добивка од ефикасноста се трансформира во директна вредност за нашите клиенти. Тој гарантира безбеден синџир на снабдување, обезбедувајќи секојдневна испорака на свежи квалитетни производи по прифатливи цени. Понатаму, овој објект го покажува обемот на нашата соработка со домашните производители. Тој означува ново поглавје за нивниот успех, отворајќи ја вратата кон меѓународните пазари и создавајќи можности за извоз за македонските производи. Неверојатно сме горди што бројни локални компании беа вклучени во изградбата на овој модерен, енергетски ефикасен проект. Со создавање над 200 нови работни места, инвестираме не само во напредна инфраструктура, туку и во луѓе, локалната економија и одржлив развој“, рече Милена Драгијска, извршна претставничка на Лидл.

Амбасадорката Дрекслер истакнала дека логистичкиот центар на Лидл е видлив резултат на голема германска инвестиција во Македонија.

„Импресиониранa сум што гледам колку ангажманот на Лидл веќе придонесе за зголемување на капацитетите на локалните производители за извоз на своите земјоделски производи, имајќи корист од поддршката за постигнување на стандардите и сертификатите на ЕУ. Ова е постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ во најдобра форма!“, кажала Дрекслер.

Од Лидл велат дека има четири клучни факти поврзани со новиот логистички центар во Куманово.

„Објектот се протега на површина од 67.000 квадратни метри и располага со капацитет за складирање на над 47.000 палети. Изградени се зони со пет различни температурни режими за оптимално складирање на различните категории производи. Логистичкиот центар располага со сопствен фотоволтаичен систем, модерна инфраструктура за електрични возила, како и современи системи за управување со водите и отпадот. Проектот отвора над 200 нови работни места и располага со специјално проектирани простории за комфор и одмор на вработените и возачите“, велат од Лидл.

Со оваа инвестиција Лидл уште еднаш ја потврдува својата долгорочна определба за инвестиции и развој на современ, ефикасен и одржлив малопродажен систем на македонскиот пазар, кој ќе донесе придобивки за потрошувачите, деловните партнери и целокупната национална економија. Реализацијата на овој проект е одличен пример за конструктивно партнерство помеѓу приватниот сектор, локалните власти и централните институции.

Лидл е дел од групацијата Шварц груп, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12.900 маркети во 31 држава. Овој меѓународен бренд нуди селектиран асортиман на производи со најдобар однос меѓу квалитетот и цената, а вработува над 395.000 луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ