Програмата започнува со поетско читање на авторите кои влегоа во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, по што ќе следува портрет на минатогодишната добитничка на признанието, Јулијана Величковска.
Во рамките на денешната агенда се и промоциите на книгите од едицијата „Плејади“, како и промоцијата на книгата со интервјуа „Венценосци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски.
Фестивалската програма предвидува и поетско кафе – средба со издавачи, агенти и професионални посетители во рамките на ВЕРСОПОЛИС, како и портрет на Даниел Хајндс, лауреат на наградата „Мостови на Струга“, што заеднички ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО.
Во вечерните часови ќе се одржат меѓународните поетски читања „Кругови“ и „Ноќ без интерпункција“, еден од препознатливите сегменти на фестивалот. На полноќ ќе се одржат традиционалните „Ноќи без интерпункција“, на кои ќе настапат поетите застапени во антологијата на македонската поезија „Камен и земја“, приредена од Иван Џепароски на сцената во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“.
Вториот фестивалски ден потврдува дека Струга и годинава останува место каде што поезијата ги обединува различните јазици, култури и книжевни традиции од целиот свет.
Фестивалот беше отворен вчера со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитничката на „Златен венец“ за 2026 година, Анеке Брасинга. Официјалното отворање продолжи со палење на фестивалскиот оган и читање на „Т’га за југ“ во Домот на поезијата, по што следуваше меѓународното поетско читање „Меридијани“.
Годинашното издание се одржува под мотото „Каде што живее поезијата“ и ќе трае до 29 јуни. Фестивалот е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а финансиски е поддржан од Министерство за култура и туризам.






